Прославениот македонски фудбалер Игор Кралевски (41) го пренесува своето богато искуство на младите категории во академијата на Вардар со кои во изминатите пет години освои бројни трофеи, притоа успевајќи да создаде играчи кои стигнаа до првиот тим на најтрофејниот македонски клуб. Поранешниот интернационалец кој играше на стоперската позиција, како тренер ги предводеше генерациите 2007, 2006 и 2005 до шампионски титули во нивните конкуренции, а со фудбалерите родени во 2004 година ја освои двојната круна (првенство и куп) во последователни сезони од 2014-та до 2018-та година. Минатата година со генерацијата 2002 заврши на второто место во првенството, во тесна трка со еден бод помалку од шампионот, а моментно ги тренира децата родени во 2009 година, со кои веќе освои два турнири во изминатите четири месеци.
– Фудбалската академија Вардар има навистина одлични услови за работа, и за фудбалерите и за нас тренерите. Јас веќе шест години работам со млади категории, секоја година со различна генерација на фудбалери. Тренирам и помлади генерации како што е генерацијата 2009 со која моментно работам, а работам и со постари генерации. Работата со младите категории е огромен предизвик на кој најодговорно му пристапувам за да постигнам успех. Минатата сезона бев тренер на генерацијата 2002. Тоа е едно сосема поинакво искуство, поинаков пристап и посложена работа. Сите генерации на фудбалери носат различна енергија и посебен капацитет. Соодветно на возраста и квалитетот кој децата го поседуваат, јас го прилагодувам начинот на работа, тежината и квалитетот на тренинзите, за да прераснат во квалитетни фудбалери, во однос на техниката и на кондицијата, а најмногу од сѐ, за да изградат цврсти и борбени карактери. Кога преземам нова генерација, прво правам индивидуална проценка на сите фудбалери и анализа на функционирањето на тимот, бидејќи фудбалот е колективна игра и се посветувам на она што сметам дека им недостига за да напредуваме. Исклучително работам на мотивација на фудбалерите, на градење на нивниот дух, што е база врз која може да се гради добра стратегија, борбеност, добра техника, што значи и квалитетна фудбалска игра која носи успех – објаснува Кралевски.
Тој наведува дека работата и бара многу труд, разговори со децата, посветеност и вложување на многу енергија, но дека децата го препознаваат правилниот пристап и добиваат желба да учат, со што резултатот е неизбежен.
– Генерацијата 2009, која ја преземав во август минатата година, е селектирана пред три години. Таа брои 21-но дете и секое од нив е поставено на свое место и си ја знае својата работа како дел од тимот. Им наметнав сериозност, професионалност, одговорност кон тимот и кон играта, што произведе колективен дух и квалитет. Не беше лесно бидејќи тоа бара многу труд, зборување, посветеност, вложување многу енергија, но кога правилно ќе им се поставите и ќе им пристапите, децата тоа многу добро го препознаваат и се отвараат за соработка, брзо учат, добиваат волја и енергија, па резултатот е неизбежен. Оваа генерација напредуваше за краток период. По три месеци напорен тренинг, разговори, коригирање на лошите навики и неправилности во техниката, подобрување на координацијата и на играта, на наше големо задоволство постигнавме успех – кажа талентираниот тренер.
Генерацијата 2009 имаше успех на два турнири во Бугарија минатата година, освојувајќи први места во силна конкуренција, што претставува признание за работата на Кралевски, но и голем потстрек за децата.
– Првиот меѓународен турнир во октомври минатата година беше во Дупница, Бугарија, каде што освоивме прво место. Фудбалерите беа пресреќни, радосни и горди бидејќи тоа им беше првиот пехар откако тренираат фудбал. Исклучително мотивирачки пехар за децата, кој им даде волја, желба за тренинг и мотив за докажување, и на тренинзите и на натпреварите. Веднаш се забележува подобрување во пристапот и на тренинзите и на натпреварите. Сега, секој натпревар го играат како да е финале. Набргу потоа добивме покана за нов многу посилен турнир во Панаѓуриште, Бугарија, каде што бевме од 27 ноември до 1 декември минатата година, и во исклучително тешка конкуренција и драматично финале го освоивме прво место. Покрај силните противници Локомотив, Бургас, Левски и другите екипи, Вардар го освои првото место. Овој турнир беше огромно искуство за децата, но и за мене како тренер. Дури иако судиите во полуфиналето беа наклонети кон домаќинот, сепак преовладаа квалитетот на нашата игра, стратегијата, сплотеноста и истрајноста на децата на Вардар, и нѐ донесоа до победа и големо навистина драматично финале кое го освоивме со изведување на пенали против силната екипа на Левски. Таа победа за мене беше огромно признание за мојата работа и труд и награда за посветеноста. За мене тоа беше голем ден и голема победа, а за генерација 2009 започна нова ера на успех и напредок – истакна Кралевски.
Работата со младите категории носи голема одговорност, но и убавина при создавањето на фудбалери, според Кралевски.
– Работата со младите категории е најодговорна работа со која може да се соочи тренер во кој било спорт. Вие сте не само тренер, туку и татко, другар, наставник, педагог и психолог. А секако, покрај личниот стручен квалитет, многу е важно да бидете одличен психолог кој ќе успее да ги мотивира децата, од секое дете да извлече максимум, да направи добра проценка на личните способности на детето, а во исто време да биде строг тренер кој ќе изгради авторитет за децата да го почитуваат, да работат и да истраат. Сите способности со кои ќе успеат да се стекнат децата во овој период на развој, ќе им бидат основа за професионално надградување, а карактерно ќе им остават белег за цел живот. Токму затоа нашата работа е толку убава и одговорна. Создавате фудбалери, карактери, идни стратези и на крајот уживате во нивниот и во својот успех – посочува Кралевски.
Стратегот на Вардар ја потенцира селекцијата на фудбалерите како пресудна за создавање за квалитетен тим.
– Селекцијата на децата е исклучително важна и би рекол пресудна за создавање на квалитетен тим. Јас лично сум без компромис во однос на селектирањето и тука нема место за лутење. Едноставно, квалитетот, природните предиспозиции и талентот, истрајноста, техниката, воспитанието, почитувањето на авторитет и лојалноста кон тимот се карактеристики кои водат напред и мора да бидат одлика на децата кои ги селектирам, на кои им поклонувам верба и за кои сметам дека имаат перспектива. Не може секој да биде фудбалер, ниту кошаркар, ниту ракометар. Секое дете си има свои афинитети и желби, но мора да бидеме реални и да направиме вистинска селекција и секој да тренира спорт кој му одговара по повеќето параметри. Желбите на родителите најчесто прават проблем во правилно усмерување на детето, но јас сум искрен со родителите и со децата и тоа е за нивно добро, за доброто на клубот и за добро на спортот воопшто. Многу сум горд што од генерацијата 2002 која ја предводев минатата сезона. Фудбалерите Леонид Игнатов, Азер Омерагиќ, Кристијан Китановски и Александар Ѓурчиновски потпишаа професионални договори со Вардар што е огромен успех, бидејќи значи дека сме создале квалитет и подмладок за првиот тим. Се надевам ќе бидат светска класа – вели Кралевски.
При работата со младите на Кралевски му користи богатото искуство од играчката кариера во која со успех настапуваше за повеќе клубови од Македонија, како и во хрватски Хајдук Сплит и во рускиот Луч Енергија од Владивосток.
– Петнаесет години бев професионален фудбалер. Искуството кое го стекнав во домашните клубови Работнички, Македонија ЃП, Металург и другите во кои играв, а особено искуството во Хајдук Сплит и во Луч Енергија Владивосток во Русија, ми е од огромно значење во тренерската работа. Сите совети, сите зборови на моите тренери кои многу ги слушав и почитував, денес секојневно ги пренесувам на фудбалерите чиј тренер сум, бидејќи знам дека ќе вродат со плод. Благодарен сум на моите тренери кои беа истакнати имиња во фудбалот, како Чиро Блажевиќ, Зоран Вулиќ, Иван Гудељ и Ѓоре Јовановски, бидејќи поради нивната работа и труд, посебна посветеност и волја да успееме, тогаш бев успешен фудбалер, а денес јас сум успешен тренер и моите генерации се борбени и успешни – заклучува Кралевски. М.Ж.