Првиот човек на Судиската комисија на ФИФА, познатиот поранешен италијански судија Пјерлуиџи Колина, денеска рече дека употребата на ВАР технологијата на Мундијалот е вистински потег и дека за време на првата фаза од турнирот се донесени 99,3 отсто исправни одлуки.
– Имавме 335 ситуации за време на 48 натпревари. Судиите без помош на ВАР донеле добри одлуки во 95 отсто од случаите, а со помош на видео технологијата тој процент порасна дури на 99,3 отсто. Ние не сме богови за да бидеме безгрешни – изјави Колина на прес конференција во Москва.