Станува збор за пари што би се изгубиле од ТВ-правата, од приходите на денот на одигрување на натпреварите, како и од комерцијалните договори, се вели во извештајот на консултантските фирми КПМГ и „Делта партнерс“ што го објави „Ројтерс“

ФУДБАЛ

Предлогот на Светската фудбалска федерација (ФИФА) за одржување Светско првенство (СП) на две години и промените во клупското Светско првенство може да ги чини најголемите национални фудбалски лиги и Европската фудбалска унија (УЕФА) околу осум милијарди евра по сезона. Според извештајот нарачан од лигите, станува збор за пари што би се изгубиле од ТВ-правата, од приходите на денот на одигрување на натпреварите, како и од комерцијалните договори, се вели во извештајот на консултантските фирми КПМГ и „Делта партнерс“ што го објави „Ројтерс“.
Пресметките кажуваат дека 40-те најголеми домашни лиги низ светот и клупските натпреварувања на УЕФА ќе загубат пет милијарди евра по сезона, (пад од 14 на девет милијарди), од ТВ-правата, што е повеќе од една третина од она што лигите го добиваат во моментов. Студијата проценува дека лигите ќе губат повеќе од една милијарда евра годишно поради намалување на бројот на натпреварите, 1,75 милијарда евра поради скратениот календар и уште 901 милион евра за промените во распоредот, односно со префрлање на натпреварите од викендите во средината од неделата.
Извештајот вели дека комерцијалните загуби ќе достигнат 2,16 милијарди евра по сезона, што е пад за околу 25 отсто, а негативното влијание врз приходите на денот на натпреварите ќе ги чини клубовите 1,2 милијарда евра, повторно пад од околу 25 отсто. Постојат различни сценарија, но сите лиги, почнувајќи од сезоната 2024/2025, ќе бидат принудени да се намалат на 18 екипи и сезоните да ги завршат на почетокот од мај за да им се подредат на плановите на ФИФА. Не е јасно колку натпревари ќе се намалат.
СП 2018 година во Русија на ФИФА ѝ оствари приход од 4,78 милијарди евра. Бруто-приходите во ЛШ, во Лига Европа (ЛЕ), во Лигата на конференциите (ЛК), како и од Суперкупот на УЕФА во 2021/2022 година се проценуваат на околу 3,5 милијарди евра.
Идејата на Арсен Венгер, поранешниот менаџер на Арсенал, сега шеф за глобален развој на фудбалот при ФИФА, кој предложи нов календар, наиде на силен отпор од УЕФА, која раководи со многу популарната и профитабилна Лига на шампионите (ЛШ), но и од националните лиги, како што се италијанската Серија А, шпанската Ла лига и англиската Премиер-лига.
Претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, тврди дека почестото СП ќе ја намали неговата вредност и ќе им наштети на другите натпреварувања. Тој се закани дека ќе го предводи евентуалниот европски бојкот против зачестено СП.