Манчестер сити го ангажира Џек Грилиш од Астон вила за рекордни, за англиски играч, 118 милиони евра. Европскиот првак Челси го купи Ромелу Лукаку за 114,5 милиони евра, а Манчестер јунајтед за Џејдон Санчо и за Рафаел Варан даде 135 милиони евра

ФУДБАЛ – ЛЕТЕН ПРЕОДЕН РОК

Пандемијата на ковид-19 и натаму влијае врз светот на фудбалот, што ќе се одрази и на летниот преоден рок во петте најдобри лиги во Европа, во Премиер-лигата, Ла лига, Бундес-лигата, Серија А и во Лига 1, во кој повеќето клубови поради празните стадиони и намалените приходи ќе мора да се воздржат од покрупни трансфери. Според пресметките на ФИФА, лани летото клубовите потрошиле речиси 1,5 милијарда евра помалку отколку во истиот период во 2019 г., кога беа потрошени рекордни 5,5 милијарди евра. За летово сметките допрва ќе се средуваат оти преодниот рок завршува на 31 август.
Како што е вообичаено, најмногу трошат најбогатите газди на клубови во најбогатите лиги, пред сѐ, во англиската Премиер-лига, за кои како да „нема зима“. Според весникот „Гардијан“, на десетина дена до крајот на преодниот рок, клубовите во петте најдобри европски лиги комплетирале над 1.000 зделки во вредност од околу 2,4 милијарди евра.
Речиси половина од таа сума имаат потрошено премиерлигашите. Актуелниот шампион Манчестер сити го ангажира Џек Грилиш од Астон вила за рекордни, за англиски играч, 100 милиони фунти (околу 118 милиони евра). Не остана пократок ни европскиот првак Челси, кој го купи Ромелу Лукаку за 114,5 милиони евра.

Покрај трансферите на Грилиш и на Лукаку, во Премиер-лигата вредни за спомнување се оној на Арсенал, кој за центархалфот Бен Вајт на Брајтон му плати 58,7 милиони евра, како и двата што ги направи Манчестер јунајтед, кој за Џејдон Санчо и за Рафаел Варан на Борусија Дортмунд, односно на Реал Мадрид му плати 87,5 и 48 милиони евра.
За очекување е уште еден мегатрансфер, на капитенот на Англија, Хари Кејн, за кого Манчестер сити е подготвен на Тотенхем да му плати дури 150 милиони фунти (176 милиони евра)! Меѓу клубовите од италијанската Серија А, предничи Интер, кој освен Лукаку, му го продаде бекот Акраф Хакими на ПСЖ за 60 милиони евра. За издвојување се и трансферите што ги направија Рома и Милан со Челси, за Тами Абрахам (40 милиони) и за Фијако Томори (35 милиони). Во Бундес-лигата покрај трансферот на Санчо, вредни за спомнување се оние на Лајпциг, кој тандемот центархалфови, Дајот Упамекано и Ибрахима Конате, им ги продаде на Баерн и на Ливерпул за 44,5 и 42,6 милиони евра.
Но главна „бомба“ летово беше Аргентинецот Лионел Меси, кој не успеа да се договори со Барселона околу продолжувањето на договорот и како слободен играч замина во француски Пари сен Жермен. Бидејќи немаше пари на релацијата Барса – ПСЖ, ова и не се води како класичен трансфер, па оттаму во француската Лига 1 предничи Хакими, за кого ПСЖ на Интер му плати 60 милиони евра. Другите трансфери, на Жерсон од Фламенго во Марсеј, на Бубакари Сумаре од Лион во Лестер и на Јоаким Андерсен од Лион во Кристал палас, се движат меѓу 17,5 и 20 милиони евра.

Клубовите во шпанската Ла лига беа најштедливи, што не е баш вообичаено кога станува збор за Реал и за Барселона, но и не е изненадување имајќи предвид дека не се во најдобра финансиска кондиција. Ако се изземе трансферот на Варан, за обележување е зделката што ја направи бранителот на титулата Атлетико, кој од Удинезе го купи Родриго де Паул за 35 милиони евра. Севилја му го продаде Брајан Хил на Тотенхем за 25, а трансферите на Жуниор Фирпо од Барселона во Лидс и на Хуан Фојт од Тотенхем во Вилјареал чинеа по 15 милиони евра.