Нема причина да им дадете на екипите помалку од 48 часа да играат уште еден натпревар во Премиер-лигата. На телото му треба одредено време за повторно да може да се натпреварува. Лесно е. Тоа е наука. Но, тоа целосно се игнорира, вели Клоп за „Би-би-си“
Менаџерот на европскиот фудбалски првак Ливерпул, Јирген Клоп, изјави дека е „злосторство“ што некои екипи од Премиер-лигата мораат да одиграат два натпревара за три дена во текот на празничниот период, пишува „Би-би-си“. Црвените вчера играа на гости кај Лестер, а в недела се домаќини на Вулверхемптон, но повеќето други екипи имаат само еден ден помеѓу натпреварите од двете кола.
По освојувањето на светската клупска титула и поразот во Лига-купот, Ливерпул ќе одигра вкупно девет натпревари во преполниот декември.
– Апсолутно не е добро. Ниту еден од менаџерите нема проблем со натпреварите на Боксинг деј, но играњето на 26-ти, а потоа и на 28 декември е „злосторство“. Можеме да кажеме што сакаме и никој не е заинтересиран, но секоја година е исто за тренерите – вели Клоп.
Трофејот од клупското Светско првенство е втор сезонава за Ливерпул (во август го освои Суперкупот на УЕФА), кој пред вчерашното коло убедливо водеше со 10 бода предност. Тимот на Клоп, кој игра за прва титула во лигата по 30 години пауза, ќе има два дена одмор помеѓу празничните натпревари во Премиер-лигата, но 14 екипи ќе добијат само еден ден одмор помеѓу натпреварите.
– Нема причина да им дадете на екипите помалку од 48 часа да играат уште еден натпревар во Премиер-лигата. На телото му треба одредено време за повторно да може да се натпреварува. Лесно е. Тоа е наука. Но тоа целосно се игнорира – вели Клоп за „Би-би-си“.
Кристал Палас на Рој Хоџсон играше вчера со Вест Хем дома и само 48 часа подоцна треба да се сретне со Саутемптон.
– Уживам во тренинзите, на самите натпревари нешто помалку, затоа што мислам дека е сурово да се игра на нивото на кое играме со само еден ден одмор. Не уживам во тој дел, тоа е многу опасен период, може да има повредени, може да има замор. Одеднаш се наоѓате себеси да гледате нагоре кон табелата, а не надолу – ја пренесе „Би-би-си“ изјавата на Хоџсон.