Германецот Герд Милер е последен што постигнал двоцифрен број голови на СП (десет во 1970), а Французинот Жист Фонтен е најефикасен со 13 гола, на СП 1958. Од СП 1978, најдобриот стрелец на мундијалите постигнува во просек по шест гола

Англичанецот Хари Кејн, кој постигна пет, Белгиецот Ромелу Лукаку и Португалецот Кристијано Роналдо по четири, Бразилецот во дресот на Шпанија, Диего Коста, и Русинот Денис Черишев со по три гола, се водечките стрелци на фудбалското Светско првенство (СП) во Русија по двете одиграни кола во осумте групи. Ефикасноста е на завидно ниво и, доколку се продолжи во истиот ритам, не само што ќе биде надминато постигнувањето на Колумбиецот Хамес Родригез, кој на минатото СП во 2014 година во Бразил постигна шест гола на пет натпревари, туку во опасност би можеле да се најдат и некои други голгетерски рекорди од мундијалите.
За тоа дека напаѓачите се за пофалба сведочи и тоа дека на СП во 2006-та и 2010-та најдобрите стрелци постигнуваа по пет гола, Мирослав Клосе, односно Томас Милер (Германија), Давид Вилја (Шпанија), Весли Снајдер (Холандија) и Диего Форлан (Уругвај). Последен со двоцифрен број голови на СП беше Германецот Герхард Милер, со 10 гола на шест меча, во 1970 година во Мексико. Од СП 1978, најдобриот стрелец на мундијалите постигнува во просек по шест гола.
Апсолутен рекордер во оваа категорија е Французинот Жист Фонтен, кој на СП 1958 во Шведска постигна 13 гола на шесте одиграни натпревари. На исто рамниште со Милер и со Фонтен е и Унгарецот Шандор Кочиш, кој на СП 1954 во Швајцарија постигна 11 гола на петте меча.
Рекордер според вкупниот број постигнати голови на СП е Германецот Мирослав Клосе, 16 гола на 24 натпревари. Втор на таа листа е Бразилецот Роналдо со 15 гола на 19 меча, а од активните најблиску е Т. Милер со 10 гола.
„Златната копачка“ ќе ја добие фудбалерот што ќе постигне најмногу голови на СП. Во случај да има двајца или повеќе со ист број голови, предвид се земаат асистенциите, а потоа одиграните мечеви, односно минутите поминати на теренот. Покрај „златната“, се доделуваат „сребрена“ и „бронзена копачка“ за вториот и за третиот најдобар стрелец на СП.
Првата официјална „златна копачка“ за најдобар стрелец ја доби Италијанецот Паоло Роси, кој на СП 1982 година, на кое „аѕурите“ станаа светски прваци, беше стрелец на шест гола.


Уште пет и ќе биде израмнет пенал-рекордот

Во првите две кола, по 32 одиграни натпревара на фудбалското Светско првенство (СП) во Русија, досудени се дури 13 пенали, колку што беа видени на целото СП во Бразил во 2014 година, на вкупно 64 меча. Технологијата ВАР, секако, многу влијаеше на ова зголемување на бројот на пеналите. Рекорден број пенали се досудени на СП 2002, вкупно 18, па ако се продолжи со овој ритам до крајот на СП во Русија, тогаш постојниот рекорд ќе биде соборен.
– ФИФА е исклучително задоволна од досегашната арбитража на натпреварите на СП, како и од успешната имплементација на системот ВАР, кој во целина е позитивно прифатен и ценет во нашата фудбалска заедница – вели Џовани Марти, претставникот на ФИФА. Г.И.