Во плејофот за влез во осминафиналето ќе настапат Наполи, каде што игра Елмас, потоа Динамо Загреб, за кој настапуваат Адеми и Ристовски, и Шериф, каде што игра Николов

ФУДБАЛ

Македонскиот фудбалски репрезентативец Елиф Елмас постигна два гола и беше најзаслужниот за победата на Наполи против Лестер (3-2), и за освоеното второ место во групата Ц што ги одведе неаполитанците во плејофот во Лига Европа (ЛЕ). Елмас беше инволвиран во постигнувањето пет гола на претходните пет настапи во групната фаза во ЛЕ (четири гола, една асистенција).
– Покажавме колку сме силни како тим. Среќен сум поради моите голови, но пред сѐ, среќен сум што победивме на овој тежок, важен натпревар и што се пласиравме во следната рунда. Игравме цврсто, решително, тренерот Лучано Спалети ни кажа дека сме одличен тим, оти треба да излеземе на теренот и да покажеме што можеме да направиме. Игравме со верба, храбро и покрај тоа што ни недостигаа многу играчи. Сакам да играм во сите улоги во кои тренерот ме става, важно е да можам да дадам свој придонес како вечерва – изјави Елмас (22) за официјалната интернет-страница на Наполи.
Наполи шести пат во шесте обиди ја мина групната фаза во ЛЕ и в понеделник ќе ги чека можните противници, а тоа се Барселона, Борусија Дортмунд, Лајпциг, Порто, Севилја, Шериф или Зенит.

Пласман во плејофот обезбеди и загрепски Динамо, најтрофејниот хрватски клуб, каде што настапуваат двајца македонски репрезентативци, капитенот на репрезентацијата, Стефан Ристовски, и играчот од средниот ред, капитенот на Динамо, Аријан Адеми. Тие беа во почетните 11 на „сините“ од Загреб, кои забележа вредна победа на гости во Лондон, над Вест хем (1-0), и како второпласирани во групата Х се пласираа во плејофот. За Динамо ова беше прва победа на гости во Англија во деветтиот обид (претходно едно реми и седум пораза).
Во плејофот на ЛЕ како третопласиран во групата Д во Лигата на шампионите (ЛШ), зад Реал Мадрид и зад Интер, ќе разигрува и молдавскиот Шериф, тимот каде што настапува играчот од средниот ред на македонската репрезентација, Бобан Николов, стрелецот на израмнувачкиот гол на мечот на гости во Киев, во 6-то коло, против Шахтар (1-1), во 93-та минута.
– Ги завршивме натпреварите во Лигата на шампионите на начин како што посакувавме. Оставивме врвен впечаток во оваа кампања, направивме голема сензација против Реал Мадрид (победа со 2-1 на гости – н.з.) и сакавме да покажеме дека не случајно завршивме на третото место во групата – изјави Николов за интернет-страницата на Европската фудбалска унија (УЕФА).


Ждрепката в понеделник, плејофот во февруари

Ждрепката за плејофот за фудбалската Лига Европа (ЛЕ) треба да се влече в понеделник, натпреварите треба да се играат на 17 и на 24 февруари в година, а ќе настапат второпласираните во групите на ЛЕ и третопласираните во групите од Лигата на шампионите (ЛШ). Меѓу себе не ќе може да се сретнат тимови од иста земја. Ждрепката за осминафиналето, пак, во кое ќе се сретнат победниците од плејофот и првопласираните во осумте групи во ЛЕ, кои реваншите ќе ги играат дома, е закажана за 25 февруари, а натпреварите се на 10 и на 17 март 2022 година.
Директен пласман во осминафиналето на ЛЕ: Црвена звезда, Ајнтрахт, Галатасарај, Баер, Лион, Монако, Спартак Москва и Вест хем.
Носители пред ждрепката за плејофот за влез во осминафиналето: Бетис, Брага, Динамо З., Лацио, Наполи, Олимпијакос, Ренџерс и Сосиедад.
Неносители пред ждрепката за плејофот за влез во осминафиналето: Аталанта, Барселона, Борусија Д., Лајпциг, Порто, Севилја, Шериф и Зенит.