Португалскиот репрезентативец стана најстариот стрелец на деби-меч на светските првенства
Рикардо Кварезма (34 години и 272 дена), стрелецот на единствениот гол за Португалија на мечот со Иран, е највозрасниот фудбалер што постигнува гол на првиот настап на едно светско првенство (СП), пред Иранецот Јаја Голмохамади (33 години и 84 дена) на СП 2006 година, на мечот со Мексико (1-3). Кварезма е врсник со Кристијано Роналдо, заедно ја минале младинската школа на лисабонски Спортинг, а некои велат дека Кварезма бил поталентиран и му предвидувале сјајна кариера.
За репрезентацијата на Португалија одигра 79 натпревари и постигна 10 гола. Беше во комбинација за настап на СП 2006, но во последен момент не се најде меѓу 23-та фудбалери. За СП 2010 и за СП 2014 не беше на списокот, но затоа беше дел од тимот што пред две години стана првак на Европа.