ФУДБАЛ – АВСТРИЈА Е ПРВИОТ ПРОТИВНИК НА МАКЕДОНИЈА НА ЕП
Прв противник на Македонија, на првиот настап на Европското првенство (ЕП), в недела, ќе ѝ биде Австрија, која по вторпат (не сметајќи го ЕП 2008, на кое беше кодомаќин со Швајцарија), е на завршниот турнир по ЕП 2016. Тогаш не мина славно, беше елиминирана уште во првата фаза, без ниедна победа. Австријците сигурно ќе се острат за дуелот против Македонија и ќе се обидат да ја прокнижат првата победа на големите турнири по повеќе од три децении и триумфот над САД (2-1) на СП 1990 година во Италија.
Но очекувањата кај австриските љубители на фудбалот за некакви подобри постигнувања не се којзнае колку големи, иако во квалификациите Австрија беше втора, зад Полска. Тоа е така веројатно поради фактот дека Австрија си ги завршуваше домашните задачи победувајќи ги тимовите што се очекуваше да ги победи, но се мачеше и губеше против еднаквите или подобрите тимови.
Селекторот Франко Фода (55), кој е роден во Мајнц, Германија, имаше долга и успешна кариера и два настапа за репрезентацијата на Западна Германија. Во Австрија, во Штурм, тој се пресели во 1997 година и освои една шампионска и една куп-титула со тимот од Грац. Селектор на Австрија е од 2018 година.
Капитенот Давид Алаба е најдобриот и најпопуларен фудбалер на Австрија. Со Баерн Минхен тој освои сѐ што можеше да освои и летово е слободен играч. Неговата разновидност, големото искуство и победничкиот менталитет се благослов за неговите соиграчи и за селекторот. Покрај него, клучен за Фода во средниот ред е Конрад Лајмер од Лајпциг, а во нападот Саша Калајџиќ, кој имаше фантастична сезона во Штутгарт, и искусниот Марко Арнаутовиќ, најефикасниот во квалификациите, кој сега настапуа во Шангај порт во Кина.
Покрај нив, Фода има импресивна низа играчи на располагање. Некои веќе се докажани (Марко Арнаутовиќ, Јулијан Баумгартлингер, Александар Драговиќ и Андреас Улмер), други се во најдобрата форма во кариерата (Марсел Сабицер, Стефан Лајнер, Мартин Хинтерегер и Валентино Лазаро), а некои млади надежи имаа исклучителна сезона во нивните клубови (Кристоф Баумгартнер, Саша Калајџиќ, Филип Лајнхарт). На ова треба да се додаде и тоа дека Франко Фода е можеби најдобриот селектор што го имала Австрија по подолго време, барем според резултатите. Но и покрај тоа, не е сѐ розово. Кога резултатите се добри, сѐ е во ред, но по тешкиот пораз дома од Данска (0-4), во третиот меч од квалификациите за Светското првенство (СП) 2022, работите изгледаат поинаку.
Како и да е, процените се дека ова може да биде многу интересен турнир за Австрија. Дали квалитетот на играчите ќе дојде до израз и ќе направат изненадување, ќе се види набргу.