Катар ќе ги исфрли сите имигранти кои работеа на стадионите за Светското првенство следната година, и ќе ги прати на петмесечно неплатено отуство за да не бидат „видливи“ во текот на турнирот, тврди „Дејли мејл“.
Во интервјуа со десетина градежни работници, „Дејли мејл“ открива дека тие добиле наредба да си заминат во август следната година, пред оддржувањето на Мундијалот во ноември и декември 2022.
Од „Амнести интернешнл“ пак, објавија дека ова е загрижувачки развојн на настаните и побараа од ФИФА да постават притисок на Катар за заштита на правата на имигрантите.
– Загрижени сме од извештаите дека на повеќе мигранти им било наредено да си заминат пред стартот на СП во 2022. Истите работници плаќаат илјадници долари само за да добијат работа во Катар и тие кои ќе добијат ваква наредба ќе се најдат во големи долгови – вели Меј Романос од „Амнести“.
Ова не е првпат Катар да биде критикуван за своето однесување кон мигрантите, кои беа клучни работници во изградбата на супер-модерните стадиони за Мундијалот.