Фудбалската асоцијација (ФА) на Англија на стадионот „Вембли“ ќе инсталира камери со висока резолуција за да го спречи дискриминаторското однесување на навивачите на мечевите на Европското првенство (ЕП) идното лето, кога на тој стадион треба да се играат седум меча, вклучувајќи ги двете полуфиналиња и финалето.
Навредувањето на играчите беше клучното прашање за ФА на Англија по инцидентот на мечот Тотенхем – Челси (0-2) и навредите на сметка на центархалфот на Челси, Антонио Рудигер. ФА ќе инвестира во најновата технологија за да ги идентификува сторителите и да постави репер за остатокот од земјата што треба да се следи кога станува збор за справување со навредите кон фудбалерите.
Сезонава, покрај кон Рудигер, имаше навреди и кон играчот од средниот ред на Манчестер јунајтед, Фред, на мечот против Манчестер сити на стадионот „Етихад“.