Реал остана на патот кон одбрана на титулата

Од 2000 година (со исклучок на 2004 и 2010-та) меѓу четирите најдобри екипи имало најмалку по две, понекогаш и по три екипи од иста земја. Сега во полуфиналето на ЛШ се тимови од четирите најуспешни земји досега во ЛШ со вкупно 48 титули (Шпанија 17, Италија 12, Англија 12 и од Германија 7)

Бранителот на титулата Реал, потоа Баерн, Ливерпул и Рома се полуфиналистите во Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал. По сезоната 1997/98 (Реал, Јувентус, Борусија Д. и Монако), потоа во 2003/2004 (Монако, Порто, Челси и Ла Коруња) и во 2010-та (во завршницата беа Интер, Баерн, Барселона и Лион), четврти пат се случува да има екипи од четири земји, сега од четирите најуспешни земји досега во ЛШ со вкупно 48 титули (Шпанија 17, Италија 12, Англија 12 и од Германија 7). Од 2000 година (со исклучок на 2004 и 2010-та) меѓу четирите најдобри екипи секогаш имало најмалку по две, понекогаш и по три екипи од иста земја. Најмногу, по трипати, од Англија (2007, 2008 и 2009) и по еднаш од Италија (2003) и од Шпанија (2000-та). Шпанците во минатите 17 сезони во 10 наврати имале по две екипи во полуфиналето. Она што е извесно е дека ќе нема реприза на ланското финале, односно на полуфиналните дуели бидејќи ги нема Атлетико, Јувентус и Монако.

Но можни се повторувања на некои поранешни полуфинални дуели, како Реал – Баерн, кои заедно имаат освоено 17 титули европски првак. Реал и Баерн последен пат се сретнаа во полуфиналето во 2014-та кога „кралевите“ ги добија двата меча, со 1-0 и 4-0 и потоа ја освоија 10-та титула со триумфот над Атлетико. Две години претходно, во 2012-та, во истата рунда Баерн беше подобар од Реал (3-1 и 1-1 и триумф на пенали), но во финалето загуби од Челси. Во 2000-та, Реал го совлада Баерн (2-0 и 1-2) и во шпанското финале беше подобар од Валенсија (3-0). Следната 2001 година беше обратно, реванш на Баерн (1-0 и 2-1) и освоена титула (жртва повторно беше Валенсија, на пенали). Баварците беа поуспешни од Реал и во ерата на Купот на европските шампиони (КЕШ), во 1976 година, кога во полуфиналето славеа со 1-1 и 2-0 и потоа ја освоија третата европска титула (победа над Сент Етјен, 1-0). Лани Реал го елиминира Баерн во четврт-финалето (2-1, 4-2). Двата тима одиграа вкупно 24 натпревари, сите во елитната клупска конкуренција, со идентичен ефект, по 11 победи и две ремија. 


Денеска ждрепка во Нион

Ждрепката за полуфиналните двојки во ЛШ е закажана за денеска во 13 часот, во седиштето на УЕФА во Нион, Швајцарија. Како и во четврт-финалето и ова ќе биде отворена ждрепка што значи дека ќе нема привилегирани. Тимовите што први ќе бидат извлечени ќе бидат домаќини на првите натпревари на 24 и на 25 април (реваншите се на 1 и 2 мај). Финалето е закажано за 26 мај на Олимпискиот стадион во Киев, Украина. Еден час порано, во 12, ќе биде ждрепката за полуфиналните двојки во Лига Европа (ЛЕ).


Во 1980-тите Ливерпул ги победи Реал, Баерн и Рома во клучни мечеви

Англискиот премиерлигаш Ливерпул се сретна со германскиот Баерн во полуфиналето на тогашниот фудбалски Куп на шампионите во 1981 година (0-0 и 1-1, победи според правилото за повеќе голови на гости), а потоа и со Реал во финалето (1-0). Потенцијалната полуфинална двојка Ливерпул – Рома за сезонава во Лигата на шампионите, пак, би била реприза на финалето од 1984 година кога триумфира Ливерпул, на пенали, и тоа во Рим.