Натпреварите се играа без гледачи, без тимска прослава на головите, на клупите фудбалерите и тренерите носеа маски, екипите пристигнуваа со повеќе автобуси, користеа неколку соблекувални, на теренот излегуваа по различни маршрути, топките беа дезинфицирани, изостана ракувањето, немаше тимски фотографирања и потфрлање паричка… Пред празните трибини се виде колку ќе биде различен спортот во раните денови на постпандемискиот свет и беше понуден образец што ќе треба да го следат другите лиги

ГЕРМАНСКАТА БУНДЕС-ЛИГА ПРВА ОД ГОЛЕМИТЕ ПРВЕНСТВА СЕ ВРАТИ НА ТЕРЕНОТ

Германската Бундес-лига викендов стана првата голема европска лига во која продолжи фудбалската сезона, по двомесечното суспендирање поради пандемијата на коронавирусот. Натпреварите од 26-та рунда се играа пред празни трибини, без гледачи, без тимска прослава на головите, а на клупите резервните фудбалери и тренерите носеа маски и ги почитуваа мерките за задолжително физичко дистанцирање.
Пред празните трибини се виде колку ќе биде различен спортот во раните денови на постпандемискиот свет и беше понуден образец што ќе треба да го следат другите лиги. Пред дербито Борусија Дортмунд – Шалке (4-0), на празниот стадион „Вестфален“, ечеше песната „Никогаш нема да одиш сам“, инаку химна на навивачите на Ливерпул, а необично беше да се види и празната трибина наречена „жолт ѕид“.
Поради строгите протоколи за хигиена, играчите на двата тима пристигнуваа со повеќе автобуси, користеа неколку соблекувални, а на теренот излегуваа по различни маршрути. Топките беа дезинфицирани, а мечот почна во целосна тишина, која ја наруши само судискиот свиреж.

– Немаше бучава, шутираш кон голот, правиш одлично додавање, постигнуваш гол и ништо не се случува. Тоа е многу, многу чудно – изјави по мечот на виртуелна прес-конференција тренерот на Борусија Дортмунд, Лусијан Фавр.
По мечот играчите на Борусија, традиционално, заминаа кон „жолтиот ѕид“ и стоејќи одвоено, наместо да се држат за рака, симболично ги поздравија навивачите.
На теренот изостана ракувањето меѓу играчите, немаше тимски фотографирања и потфрлање паричка, немаше деца што ги придружуваат играчите.

За време на мечот можеше да се слушнат секој допир и удар на топката, секој контакт меѓу играчите.
– Имавме многу разговори пред мечот и знаевме дека тоа, всушност, нема да биде ништо различно од натпреварите што ги игравме како деца, без да нѐ гледа некој и играње само за забава. Сега само резултатот ги прави среќни и луѓето што гледаат пред ТВ – ја објаснува атмосферата на теренот голманот на Борусија, Роман Бурки.
Од мечот, за издвојување е младиот, 19-годишен Норвежанец Ерланд Холанд, кој постигна еден гол, за него 10-ти на првите девет настапи во Бундес-лигата, односно 13-ти на 12 одиграни натпревари во сите конкуренции од јануарскиот трансфер од Салцбург.

Првичната оцена е позитивна, особено што првиот ден од натпреварите во Бундес-лигата помина без некакви поголеми инциденти. На натпреварите во Германија немаше публика на трибините, но на улиците околу стадионите имаше полиција поради загриженоста дека навивачите ќе се соберат во знак на поддршка на своите клубови.

Резултати, 26. коло: Борусија Д. – Шалке 4-0, Аугсбург – Волфсбург 1-2, Фортуна Д. – Падерборн 0-0, Лајпциг – Фрајбург 1-1, Хофенхајм- Херта 0-3, Ајнтрахт Ф. – Борусија М. 1-3. Вчера: Унион Берлин – Баерн и Келн – Мајнц. Денеска: Вардер – Баер. Табела: Баерн 55 (еден меч помалку), Борусија Д. 54, Борусија М. 52, Лајпциг 51 бод итн. Л.Д.