Португалија на првиот настап на ЕП стигна до полуфиналето, а истиот успех го оствари Велс на ЕП 2016: дуел на двете репрезентации пред четири години во Франција

Откако на ЕП се игра прво со групна фаза (од 1980 година), најуспешни при првиот настап се Португалија, Шведска и Велс, со пласмани во полуфиналето. Од тоа ЕП до минатото, на собирот на најдобрите дебитирале 21 селекција, а на шампионатот в година првпат ќе настапат и Македонија и Финска

ФУДБАЛ

Откако европските првенства (ЕП) во фудбал се играат со групна фаза, од 1980 година, до минатото ЕП, вкупно 21 репрезентација дебитирале на континенталното првенство. В година прв настап на ЕП ќе имаат и Македонија и Финска.
Најуспешни воопшто во првиот настап на континенталниот турнир биле репрезентациите на СССР (1960 година, на првото ЕП), Шпанија (1964), Италија (1968) и на Германија (1972), кои при првото појавување на завршниот турнир ја освојувале титулата. Од другите, на пример, трети биле Англија во 1968 година, Белгија во 1972, Холандија во 1976 година итн.
До 1976 година ЕП се играше со завршен турнир со учество на по четири репрезентации, со полуфинале, меч за третото место и финале. Од шампионатот во 1980 година е воведена групна фаза и до 1992 година настапуваа по осум репрезентации (по две групи), од 1996 до 2012 година по 16 (четири групи), а од 2016 година на ЕП играат по 24 репрезентации (шест групи).

Од 1980 година најуспешни дебитанти се Португалија, Шведска и Велс, сите три со пласман во полуфиналето. На првото ЕП со играње по групи, првпат на ЕП заигра Грција (играше во групната фаза), во 1984 година на ЕП дебитираа Португалија (полуфинале, загуби од подоцнежниот првак Франција) и Романија (групна фаза), во 1988 година првпат на континентално првенство настапи Република Ирска (групна фаза), а на ЕП 1992 дебитираа домаќинот Шведска (полуфинале, пораз од вицешампионот Германија) и Шкотска (групна фаза).
Од следното првенство во групната фаза настапуваа по 16 селекции. Така, во 1996 година првпат на ЕП играа Хрватска (четврт-финале), Швајцарија, Бугарија и Турција (сите три групна фаза), во 2000 година дебитанти беа Норвешка и Словенија (двете групна фаза), на ЕП во 2004 година тоа беше Летонија (групна фаза), во 2008 година првпат на ЕП играа домаќинот Австрија и Полска (двете групна фаза), а четири години подоцна на континентално првенство првпат настапи коорганизаторот на шампионатот, Украина (групна фаза).

Од 2016 година на ЕП учествуваат по 24 репрезентации, а таа година дебитанти беа репрезентациите на Словачка, Албанија, Северна Ирска, Исланд и на Велс, до осминафиналето стигнаа Северна Ирска и Словачка, до четврт-финалето Исланд, а до полуфиналето Велс (загуби од Португалија, која подоцна стана европски првак). 


НАЈУСПЕШНИ ДЕБИТАНТИ НА ЕП ОТКАКО СЕ ИГРА ПО ГРУПИ

ГОД.       РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА                    ПЛАСМАН
1984      Португалија                             полуфинале
1992      Шведска                                  полуфинале
2016      Велс                                        полуфинале
1996      Хрватска                                 четврт-финале
2016      Исланд                                    четврт-финале

до 1976 година на завршниот турнир на ЕП играа по четири селекции според нокаут-систем, од 1980-та се воведени групи, па до 1992 година играа по осум селекции, од 1996 до 2012 година по 16, а од 2016 година по 24 репрезентации


ДЕБИТАНТИ НА ЕП ОД 1980 ГОДИНА

1980 Грција
1984 Португалија, Романија
1988 Република Ирска
1992 Шведска, Шкотска
1996 Хрватска, Швајцарија, Бугарија, Турција
2000 Норвешка, Словенија
2004 Летонија
2008 Австрија и Полска
2012 Украина
2016 Исланд, Албанија, С. Ирска, Словачка, Велс
2020 Македонија, Финска