Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ќе има некои ротации во тимот, некои ќе играат, а некои ќе ги одмориме, но сите ќе добијат шанса. На Енис Барди му истече изолацијата и ќе може да почне со индивидуалните тренинзи, до добивањето негативен тест, изјави селекторот Игор Ангеловски

ФУДБАЛ – ДЕНЕСКА ВТОР ТЕСТ-МЕЧ НА МАКЕДОНИЈА

Фудбалската репрезентација на Македонија попладнево (18 часот), на арената „Тодор Проески“ во Скопје, против Казахстан, ќе го одигра вториот контролен натпревар пред деби-настапот на Европското првенство (ЕП) во групата Ц, во која се и селекциите на Австрија, Украина и на Холандија.
– Мечот против Казахстан, во чија селекција има неколку млади квалитетни фудбалери, ќе биде добра проверка пред ЕП. Ќе има некои ротации во тимот, некои ќе играат, а некои ќе ги одмориме, но сите ќе добијат шанса. На Енис Барди му истече изолацијата и ќе може да почне со индивидуалните тренинзи, до добивањето негативен тест – изјави селекторот Игор Ангеловски.
Во првата контролна средба, во вторникот, Македонија ремизира со Словенија, 1-1, пред околу 10.000 гледачи, првпат пред публика по подолга пауза поради пандемијата на ковид-19. Голот за Македонија го постигна младиот Елиф Елмас, кој настапува за италијански Наполи.

– Очекувам да одиграме добар натпревар и победа против Казахстан. Македонија секогаш оди на победа, се надевам дека ќе ги израдуваме навивачите. Убаво е чувството да се игра пред публика, се надевам дека навивачите повторно ќе ни дадат голема поддршка. На ЕП одиме повторно да се докажеме, мислам дека имаме искуство, бидејќи половината и повеќе во репрезентацијата играме во силни клубови – изјави Елмас.
Од ривалите во групата Ц што завчера одиграа тест-средби, Австрија загуби на гости од Англија, со 0-1, а Холандија дома ремизира со Шкотска, 2-2. Украина синоќа играше со Северна Ирска.
Македонските фудбалери за Букурешт заминуваат во вторник, а првиот меч на ЕП ќе го играат со Австрија, на 13 јуни. Вториот натпревар, повторно во Букурешт, е против Украина, на 17 јуни. Третиот и последен меч во групата Ц е со Холандија, на 21 јуни, во Амстердам. Во осминафиналето на ЕП 2020 ќе се пласираат првите две селекции од шесте групи, како и четирите третопласирани репрезентации со најдобар ефект.