Баерн ја совлада Бенфика со 5-2, три гола постигна Левандовски, вкупно 81 во ЛШ, најбрзо во натпреварувањето до таа бројка голови
ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИ
Баерн и Јувентус се првите тимови што обезбедија место во осминафиналето на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), на две кола до крајот на натпреварите по групи сезонава. На Баерн тоа му успеа по победата над Бенфика (5-2), а на Јувентус со триумфот над Зенит (4-2).
Напаѓачот на Баерн, Роберт Левандовски, на стотиот меч во ЛШ постигна хет-трик (три гола), а промаши и пенал. Сезонава тој на четирите натпревари постигна осум гола, вкупно 81 во ЛШ, најбрзо по 100 одиграни меча, побрзо од Лионел Меси или од Кристијано Роналдо, на кои до постигнувањето 80 гола им беа потребни 102, односно 116 натпревари.
Само Меси (123 гола на 152 меча) и Роналдо (139 гола на 180 меча) се поефикасни од Левандовски, но на повеќе натпревари. Тие имаат и повеќе хет-трикови во ЛШ (по осум) од Левандовски (четири). Тоа беше уште една победа на Баерн со поголема разлика, откако претходно ги совлада Бенфика (4-0), Динамо Киев (5-0) и Барселона (3-0). Со 17-те гола по четирите кола, Баерн е најефикасен во ЛШ.
– Не ни помислував дека можеме да одиграме толку натпревари со многу голови и асистенции. Во првите дваесетина минути речиси и не ја допрев топката, а во таква ситуација не е лесно за напаѓачот да остане трпелив. Но по првиот гол беше доста полесно – изјави Левандовски, кој сезонава на 18 средби во сите конкуренции постигна 22 гола.
На Левандовски при постигнувањето на третиот гол му асистираше голманот Мануел Ноер, прва асистенција за него на 123-от натпревар во ЛШ, вкупно втора на 448 меча во дресот на Баварците.
„Ако имате шанса во последната минута, посакувате Роналдо да е во таа ситуација“
Кристијано Роналдо повторно го спасуваше Манчестер јунајтед постигнувајќи ги двата гола на гостувањето кај Аталанта, 2-2, во 4. коло во фудбалската Лига на шампионите. Тој претходно постигна гол во финишот за победата на домашен терен над Аталанта (3-2), а го постигна победоносниот гол и против Вилјареал, 2-1.
Роналдо има 127 гола на 303-те натпревари за Јунајтед во сите натпреварувања, еден повеќе од неговиот сегашен менаџер Оле Гунар Солскјер (126 гола на 366 натпревари). Роналдо (36 години и 270 дена) е најстариот играч што постигнал барем два гола на еден натпревар за Јунајтед во европските натпреварувања.
– Кристијано е неверојатен во она што го прави. Ако имате некоја шанса во последната минута, посакувате тој да е во таа ситуација. Тој внимава на топката и неговата техника за тој волеј беше неверојатна – изјави менаџерот на Манчестер јунајтед, Оле Гунар Солскјер.