ФУДБАЛ
По првиот тест на полуавтоматизирана технологија за офсајд на клупското Светско првенство лани во Катар, Светската фудбалска федерација (ФИФА) организира уште една демонстрација на напредната технологија. ФИФА ги покани членовите на работната група за иновации на онлајн видеоконференција. По успешното спроведување на системот за видеопомошник-судија (ВАР), ФИФА сака понатамошно подобрување на ВАР на сите нивоа на игра. Развојот на технологијата за офсајд треба да му обезбеди на ВАР дополнителни и поточни информации за да му помогне на судијата во процесот на донесување одлуки.
Еден од неколкуте снабдувачи на оваа технологија на 50 учесници од целиот свет претстави полуавтоматизиран систем за офсајд, пишува ФИФА на својата интернет-страница. Биле демонстрирани неколку аспекти на развојниот процес и вклучените технологии. Целта е да се донесе најбрза полуавтоматизирана одлука за офсајд, за да може брзо да им се помогне на судиите на теренот во таквите ситуации. Еден од главните предизвици во развојот на напредната технологија за офсајд е точното и автоматско откривање на моментот на ударот на топката. Биле претставени можни решенија, како што е следење на податоците од сензорната технологија или видеоподатоците од системите со камери.
Во иднина, развиени алгоритми на системот треба да бидат во можност автоматски да идентификуваат со кој дел од телото и колку играчот е во офсајд, пишува ФИФА.
– Целта е да се развие помошна алатка слична на технологијата за гол-линијата. Не е дизајнирана да донесе одлука, туку веднаш да им обезбеди докази на судиите – беше јасната порака на состанокот, пренесе ФИФА.
Следната средба на работната група на ФИФА е планирана за јули и закажани се повеќе тестови и демонстрации за втората половина од годинава.