Италија, која во четврт-финалето ја победи Белгија (2-1), е без пораз речиси три години, на 32 меча во низа, а победи на сите 15 претходни официјални меча (10 во квалификациите и пет на ЕП 2020)
Италија играше најдобар фудбал досега на Европското првенство (ЕП) 2020, се реакциите на целокупната европска јавност, а сега останува прашањето дали „аѕурите“ ќе продолжат во тој стил докрај, до освојување на шампионската титула. Италија утревечер, во првото полуфинале на ЕП, на стадионот „Вембли“, се среќава со Шпанија, откако во четврт-финалето ја победи Белгија со 2-1, прворангираната репрезентација на ранг-листата на Светската фудбалска федерација (ФИФА). За Италија, која е без пораз речиси три години, тоа беше 32-от меч без пораз во низа и има 15 победи по ред на официјални средби (10 во квалификациите и пет на ЕП 2020, што е рекорд).
„Ла газета дело спорт“ е подготвена за полуфиналето против Шпанија. „Оле Италија“ беше на насловната страница. Италија 12-ти пат ќе игра во полуфинале на голем турнир. Единствената европска репрезентација што го сторила тоа повеќепати е Германија, со 20 полуфиналиња.
– Ја заслуживме победата над Белгија, моите фудбалери беа одлични, иако можевме да постигнеме и повеќе голови. Нашиот пат уште е долг, ни преостануваат уште два меча – изјави Роберто Манчини, кој е вториот селектор во историјата на ЕП чија репрезентација победила на првите пет натпревари на финален турнир, по Мишел Идалго со Франција на ЕП во 1984 година.
Победата на Италијанците малку ја помати повредата на левиот бек, Леонардо Спинацола (28), еден од најдобрите во досегашниот тек на шампионатот. Белгија го загуби првиот меч по серијата од 14 меча без пораз во квалификациите и на ЕП. Џереми Доку стана најмладиот играч што настапил на меч во нокаут-фазата на голем турнир за Белгија, со 19 години и 36 дена, и е првиот тинејџер над кого е направен пенал на ЕП, по Вејн Руни за Англија против Франција во 2004 година.
Четврти пат во низа на ЕП меѓу себе ќе играат Италија и Шпанија
Четврто европско првенство (ЕП) по ред во нокаут-меч ќе играат меѓу себе фудбалските репрезентации на Италија и на Шпанија, откако двете селекции ќе се сретнат утре во првото полуфинале на ЕП 2020, во Лондон. На ЕП 2008 во четврт-финалето, Шпанија ја победи Италија на пенали со 4-2 (беше 0-0 по 120 минути игра). На ЕП 2012 тие се сретнаа двапати, ремизираа во групата Ц (1-1), а во финалето Шпанија славеше со 4-0. На ЕП 2016, Италија ја победи Шпанија со 2-0 во осминафиналето. На сите четири меча настапи Џорџо Кјелини, кој и сега е во составот на Италија.
МЕЃУСЕБНИ ДУЕЛИ ИТАЛИЈА – ШПАНИЈА НА ЕП
ГОД. ФАЗА
2008 четврт-финале, Шпанија победи на пенали
2012 реми во групна фаза, Шпанија победи во финалето
2016 осминафинале, победа на Италија
2021 полуфинале