Фудбалската репрезентација на Македонија славеше против фаворизираната Германија со 2-1, со головите на капитенот Горан Пандев и на Елиф Елмас во квалификацискиот меч за Светското првенство во 2022 година, одигран вечерва во Дуисбург. На четирикратниот светски првак не му помогнаа ниту судиските одлуки во негова корист по две спорни ситуации. Историската победа претставува најдобра можна увертира на националната селекција пред настапот на Европското првенство во јуни.
Избраниците на Игор Ангеловски играа дисциплинирано и со голема самодоверба, со што не му дозволија на силниот ривал да доминира на теренот. Во првото полувреме, Леон Горецка ја погоди пречката, а Серж Гнабри во два наврата не успеа да го совлада Столе Димитриовски во најдобрите прилики за „панцерите“. Македонија добро и организирано се бранеше и во вториот дел, со што Германија тешко доаѓаше до шанси.
Капитенот Горан Пандев ја затресе мрежата на Марк Андре Тер Штеген на асистенција на Енис Барди во судиското надополнување од првиот дел, кога погоди од непосредна близина на противничкиот гол. Претходно Аријан Адеми се избори за топката на средина на теренот, а Александар Трајковски успеа да ја сочува на почетокот на акцијата.
Илкај Гундоган успеа да изедначи од пенал во 63-та минута по сомнителна ситуација во шеснаесетникот на Македонија, кога Езѓан Алиоски стартуваше врз Лирој Сане. Од друга страна, не беше досуден пенал за Македонија откако Емре Џан играше со рака во сопствениот шеснаесетник по корнер во 75-та минута. Елиф Елмас го постигна победничкиот гол во 85-та минута на додавање на Аријан Адеми за голема радост на „црвено-жолтите“.
Во преостанатите мечеви од групата Ј, Ерменија направи пресврт против Романија за да слави со 3-2 во Ереван, по водството на гостите од 1-2, додека Исланд очекувано го победи Лихтенштајн со 4-1 на гости.
Ерменија е прва на табелата со девет бода, пред Македонија и Германија со по шест, додека потоа следуваат Романија и Исланд со по три бода, а Лихтенштајн е без освоен поен по првите три кола.
Македонија во следниот термин од квалификациите, во септември, ја пречекува Ерменија (2.9), гостува кај Исланд (5.9), па се среќава со Романија во Скопје (8.9). На СП 2022 ќе се пласира првопласираната селекција во групата, додека второпласираните репрезентации одат во бараж.