Можеби можеме да го реформираме светскиот фудбал со еден чекор назад. Треба да се направи процена на глобалното влијание. Ајде сите заедно да го спасиме фудбалот од кризата што се заканува да стане неповратна. Помали и поинтересни турнири, со помалку, но и со поизбалансирани тимови и со помалку натпревари за да се заштити здравјето на играчите. Ова не е научна фантастика. Треба да разговараме, рече Инфантино во интервју за италијанскиот весник „Газета дело спорт“
Во иднина, во фудбалот би можело да се играат помалку натпревари и би можело да има помалку врвни натпреварувања за да се избегне финансиска криза, рече претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА) Џани Инфантино, во интервјуто за италијанскиот весник „Газета дело спорт“, а пренесе агенцијата АП.
Фудбалот низ светот е суспендиран во моментов и засега не се гледа крајот на пандемијата на коронавирусот, а Инфантино вели дека овој спорт ризикува да влезе во рецесија.
– Можеби можеме да го реформираме светскиот фудбал со еден чекор назад. Треба да се направи процена на глобалното влијание. Ајде сите заедно да го спасиме фудбалот од кризата што се заканува да стане неповратна – ја пренесе АП изјавата на Инфантино.
Инфантино рече и дека различни формати на натпреварувања можат да бидат одговор.
– Помали и поинтересни турнири, со помалку, но и со поизбалансирани тимови и со помалку натпревари за да се заштити здравјето на играчите. Ова не е научна фантастика. Треба да разговараме – вели тој.
УЕФА и КОНМЕБОЛ ги одложија Европското првенство и Копа Америка за 2021 година. Тоа треба да им даде време на домашните лиги да се обидат да ги завршат сезоните. Притисокот сега е врз фудбалските чинители, многумина со спротивставени интереси, кои, најверојатно, ќе наметнат дебата за стеснетиот распоред што го наложи пандемијата.
ФИФА минатиот месец ја објави работната група составена од службеници на федерациите-членки, од клубовите, лигите и од синдикатот на играчи, кои работеле на изработување нов календар на натпревари од 2024 година. Во тој контекст, би можело да се разговара и за следните четири години (од 2020 до 2024-та) за да има приспособување на сегашните случувања.
Инфантино истакнува оти европската Суперлига, која се спомнува некое време, не е дел од неговите планови.
– Во иднина мора да имаме најмалку 50 репрезентации што ќе можат да го освојат Светското првенство, а не само осум од Европа и две од Јужна Америка. Ни требаат и 50 клуба што можат да го освојат клупското СП, не само пет или шест европски. Не е вистинско време сега да зборуваме за тоа – рече Инфантино.
„Ќе играме кога ќе нема ризик за нечие здравје“
Во моментов, светот како целина е насочен кон глобалната здравствена заштита.
– Здравјето е прво, потоа сѐ друго. Треба да се надеваме на најдобро, но и да се подготвуваме за најлошото. Без да паничиме, да речеме јасно: ќе играме повторно кога ќе можеме да го сториме тоа без да ризикуваме нечие здравје.
Федерациите и лигите се подготвени да ги следат препораките на владите и на Светската здравствена организација. Им благодарам на докторите, медицинските сестри и на сите оние што ги ризикуваат животите за да спасат други. Тие се херои – вели Џани Инфантино, претседателот на ФИФА.