Не можеме да размислуваме дека сериозно ќе го развиваме женскиот фудбал само со националните тимови. Потребни ни се и клубови на кои ќе им дадеме причини да инвестираат, но и можности за настапи, рече претседателот на ФИФА

Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, изјави дека ќе продолжи со заложбите за создавање светска лига во фудбал за жени и покрај тоа што неговиот првичен план беше блокиран. Првиот човек на ФИФА рече дека успешното Светско првенство (СП) годинава во Франција покажа оти има простор за нови натпреварувања на највисоко ниво.

Инфантино веќе објави дека на СП 2023 ќе учествуваат 24 нации, наместо 16 како досега, а за земјата-домаќин ќе се одлучува во јуни 2020-та. Тој изјави дека првично дошол до таквата идеја во 2017 година и планот добил „голема, голема поддршка“ низ светот.

– Потоа го вративме во Советот на ФИФА, каде што беше, не знам што да кажам? Запрен? Или блокиран поради, веројатно, некои спортско-политички причини? Не знам точно зошто. Но ќе го враќаме на маса тој план, додека не биде одобрен – рече тој.
Инфантино истакна дека сака и клупско СП за жени секоја година заради поголема популаризација на женскиот фудбал.

– Треба да создадеме клупско СП. Не можеме да размислуваме дека сериозно ќе го развиваме женскиот фудбал само со националните тимови. Потребни ни се и клубови на кои ќе им дадеме причини да инвестираат, но и можности за настапи. Затоа ќе предложам клупско СП, секоја година, почнувајќи од 2020 или од 2021 година – рече тој.

Инфантино додаде дека на него би имало 16 или 24 клуба, кои ги играле на турнир што ќе трае три до четири недели, а домаќинството треба да ротира на глобално ниво. 


СП 2019 во Франција – најдобро во историјата

Групата за техничка студија на ФИФА (ТСГ), Светското првенство (СП) за жени во Франција годинава го оцени како најдобро досега, на тактичко- технички и на физички план. САД го освоија рекордниот четврти Мундијал со победата над Холандија со 2-0 потврдувајќи го статусот на водечка сила во женскиот фудбал. Во извештајот се наведува дека 27 погодоци биле постигнати со глава, што е подобрување од СП 2015 во Канада кога на тој начин беа постигнати 23 гола. Голманките имаат 70 отсто одбранети удари, што е за пет проценти подобро од 2015-та. Во студијата се вели дека подобрата тренерска анализа и употребата на модерната технологија им помогнале на тренерите да им дадат итни и детални повратни информации на играчите, а со тоа и да ги подобрат и нивните перформанси.