Не смееме да правиме забуна помеѓу ВАР и можеби понекогаш погрешните одлуки што се носат поради погрешен начин на употребата на ВАР, можеби на некои места и поради недостигот од искуство на оние што го користат ВАР, вели првиот човек на ФИФА
Во анкета на „Би-би-си спорт“, само една третина од гледачите во Велика Британија изјавија дека веруваат оти системот видеоасистент-судија (ВАР) го направил фудбалот подобар. Слично е расположението и меѓу фудбалерите и менаџерите. Капитенот на Ливерпул, Џордан Хендерсон, и играчот за врска на Астон Вила, Џек Грилиш, повикаа на отфрлање на ВАР по многуте контроверзни одлуки сезонава.
Првиот човек на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, е на страната на ВАР.
– Треба да се потсетиме дека ВАР првпат беше воведен пред две години, а не пред 20 години. ВАР му помага, секако не му штети на фудбалот – вели Инфантино, пренесува „Би-би-си“.
По обемните испитувања, Одборот на меѓународната фудбалска асоцијација (ИФАБ) во 2018 година го внесе ВАР во правилата на фудбалската игра и првпат беше користен на Светското првенство во Русија таа година. Англиската фудбалска Премиер-лига ја воведе оваа технологија во сезоната 2019/2020.
– Не смееме да правиме забуна помеѓу ВАР и можеби понекогаш погрешните одлуки што се носат поради погрешен начин на употребата на ВАР, можеби на некои места и поради недостигот од искуство на оние што го користат ВАР. Да не заборавиме дека ова е навистина значајна промена за судија што не пораснал со ВАР. Мора да анализираме што се случува, да ги прифатиме критиките и да ги анализираме – вели Инфантино.
Анкетата на „Би-би-си“, во која учествуваа 2.100 љубители на фудбалот, покажува дека 30 отсто од анкетираните сметаат оти ВАР ја подобрил фудбалската игра, а 44 отсто дека ја направил полоша. Речиси половина од нив изјавиле дека веруваат оти воведувањето на ВАР го направило фудбалот помалку возбудлив.
– ВАР не е обврска, тука е за да помогне. Оние што не сакаат да го користат, не се обврзани да го користат. ВАР им помогна на судиите на Светското првенство, им помага на судиите во многу натпреварувања, и играчите и тренерите се согласуваат со тоа – рече Инфантино.