ФУДБАЛ, ЕВРОПА

Интер и Ајакс се меѓу првите тимови во посилните европски лиги, во италијанската и во холандската, што ги освоија шампионските титули. Интер, кој ја завери титулата на четири кола до крајот, со недостижна предност од 13 поени, по 19-ти пат е првак на Италија (еднаш повеќе од градскиот ривал, Милан), првпат по пауза од 11 години. Интер, чии навивачи титулата ја прославија на улиците на Милано, ја прекина доминацијата на Јувентус, кој, пак, беше шампион во минатите девет сезони, вкупно рекордни 36 пати! За Интер ова е и прв трофеј во клупските витрини, по триумфот во Купот на Италија во 2011 година.
Ајакс ја освои рекордната 35-та шампионска титула на Холандија, на три кола до крајот. Ајакс беше првак и во 2019-та, а лани поради пандемијата на ковид-19, првенството не заврши и не беше прогласен првак.

Во шпанската Ла лига, Атлетико има два бода предност пред Реал Мадрид и пред Барселона, на четири кола до крајот. Викендов Барселона му е домаќин на Атлетико, а Реал ја пречекува Севилја. Во француската Лига 1, Лил има бод повеќе од актуелниот шампион Пари сен Жермен, на три кола до крајот.
Во англиската Премиер-лига и во германската Бундес-лига, Манчестер сити, односно Баерн практично се недостижни и се чека само на нивната официјална шампионска промоција, викендов.