ФУДБАЛ – ЛИСТА НА СТРЕЛЦИ ВО ЕВРОПА
Имобиле е прв на листата на стрелците сезонава во Европа со 36 гола и 72 бода. Претходен италијански фудбалер освојувач на европската „златна копачка“ е Тоти од сезоната 2006/2007, со 26 гола и 52 бода
Чиро Имобиле (30), напаѓачот на Лацио, ја освои „златната копачка“ во италијанската Серија А, но и во фудбалска Европа за постигнатите 36 гола сезонава. Во последното коло Лацио загуби на гости од Наполи со 1-3, а единствениот гол за „лацијалите“ го постигна Имобиле, кој успеа да го израмни и рекордот на Гонзало Игуаин во Серија А од сезоната 2015/2016.
Имобиле третпат е прв стрелец во Серија А, претходно во сезоната 2013/2014 (22 гола) и во 2017/2018, заедно со Мауро Икарди од Интер (по 29 гола), објави „Би-би-си“. Имобиле постигна два гола повеќе од Роберт Левандовски, центарфорот на Баерн (34). Фудбалерот на Барселона, Лионел Меси, кој беше најдобар стрелец во минатите три сезони, постигна 25 гола, но и тоа беше доволно за да биде најдобар стрелец во Ла лига.
Во англиската Премиер-лига прв стрелец со 23 гола е Џејми Варди од Лестер, а во прерано завршената Лига 1 во Франција (на 10 кола до крајот) најмногу голови сезонава постигна Килијан Мбапе, 18.
Претходен италијански фудбалер освојувач на европската „златна копачка“ за најдобар стрелец на Стариот Континент во една сезона беше Франческо Тоти, од Рома, во сезоната 2006/2007, со 26 гола.