Премиер-лигата, според повеќе извори, има цел од октомври на трибините да има 30-50 отсто гледачи од капацитетот на стадионите, со задолжителна физичка дистанца. Нејасно е и на колкав број гледачи ќе им биде дозволен влез на стадионите низ Европа
Професорот Џејмс Калдер, кој претседаваше со работната група со владини и здравствени службеници за „враќање“ на спортот, за „Би-би-си“ изјави дека е тешко да се очекува стадионите да бидат полни годинава.
– Би бил изненаден доколку се случи такво нешто. Реално мислам дека за тоа ќе треба вакцина, како и висока стапка на позитивни наоди на вакцината пред повторно да ги видиме стадионите полни, сигурно не пред Божиќ, веројатно и во остатокот од сезоната – вели Калдер, кој има соработувано со најголемите спортови, со јавното здравство во Англија и со Одделот за дигитални технологии, култура, медиуми и спорт на различни протоколи со што се овозможи спортот да се врати.
– Треба да знаеме дали е важно, ако викате, колку далеку ќе се шират тие капки. На натпревар во фудбал или во рагби, гледачите викаат, скандираат и пеат и треба да бидеме сигурни дека луѓето пред нив се безбедни. Ако нема големо ширење на капките ќе биде добро бидејќи ќе можеме да ги задржиме во рамките на физичкото дистанцирање. Но ако тоа е проблем, тогаш треба да го преиспитаме дистанцирање на стадионите што ќе биде многу тешко – вели Калдер.
Новата сезона од август 2020 до мај 2021 година
Фудбалската сезона 2019/2020 привршува и веќе се размислува како ќе се одвива следната, во состојба на многу ограничувања поради пандемијата на коронавирусот.
Англиската Премиер-лига и шпанската Ла лига треба почнат на 12 септември, а германската Бундес-лига една недела подоцна. Француската Лига 1, треба да почне најрано, на 22 август, еден ден пред финалето во Лигата на шампионите (ЛШ). Групната фаза од ЛШ следната сезона е одложена за еден месец и треба да почне на 20 октомври.
Европската сезона треба да заврши околу 23 мај 2021 година, што остава доволно простор за подготовки пред одложеното Европско првенство (ЕП) 2020, што треба да почне на 11 јуни 2021 година. Летниот преоден рок почна и ќе трае до 5 октомври.