Во решавачкиот меч Македонија ја совлада Грузија на гости со 1-0, со голот на капитенот Горан Пандев, и првпат во историјата ќе игра на едно големо фудбалско натпреварување
ФУДБАЛ – КАПИТЕНОТ ГОРАН ПАНДЕВ ПО ИСТОРИСКИОТ УСПЕХ
Голем успех за македонскиот фудбал, за спортот воопшто. Брилијантна, незаборавна, историска вечер, или ден четврток, 12 ноември 2020 година кога Македонија се квалификува на завршницата на Европското првенство (ЕП), првпат во историјата, по триумфот над Грузија, на гости со 1-0. Соништата и желбите на стотици фудбалери, кои во минатите 27 години играа во репрезентацијата, на десетина селектори, на стотици илјади вљубеници во најважната споредна работа на светот – фудбалот, во спортот воопшто и на цела Македонија, во јаве ги претвори капитенот, 37-годишниот Горан Пандев, стрелецот на историскиот, победоносен гол во 56-та минута. Глетката како Пандев ја прославува големата победа по мечот, клекнат на коленици на тревата, со рацете на главата кажува сѐ, повеќе од какви било зборови.
– Пресреќен сум, многу возбуден. Претходно играв на многу вакви натпревари и мислам дека моето искуство му помогна на тимот, во кој има доста млади играчи, да го постигне овој голем успех. За нас играњето на ЕП е остварување на сите наши соништа – изјави Пандев по мечот, за интернет-страницата на Европската фудбалска унија (УЕФА).
Честитки за големиот триумф заслужуваат сите фудбалери и членови на стручниот штаб на чело со селекторот Игор Ангеловски, кој во ниту еден момент не се посомнева во своите избраници, веруваше во нив, секогаш беше смирен и оптимистички настроен и тоа им го пренесуваше.
– Пандев постигна прекрасен погодок со кој нѐ однесе на финалниот турнир. Таму ќе играме за гордоста на нашата нација – рече Ангеловски, за интернет-страницата на УЕФА.
Хаџиевски: Фудбалот го сплоти народот
Честитки до сите фудбалери, до стручниот штаб, до луѓето во Фудбалската федерација за големиот успех. Сите имаат удел во него. Ова е од големо значење и за Македонија како земја, за народот, за заедништвото во овие тешки времиња на политички, економски и други кризи. Фудбалот и репрезентацијата, која е составена од играчи од неколку националности, ја сплотија нацијата, го обединија народот. Низ Македонија насекаде се славеше, народот излезе на улиците, му требаше една ваква оддишка. И мене лично многу ме израдува пласманот на ЕП, долго го чекавме и, ете, го дочекавме. Фудбалот и спортот се најдобрите амбасадори, убаво е чувството по триумфот, ми се јавуваат колеги, пријатели, ми честитаат, сфаќаат дека и кај нас се игра добар фудбал, дека имаме добри играчи и стручњаци. Македонија е на европската фудбалска мапа, многумина сега дознаваат за неа, многумина допрва ќе ја запознаат. Сега е време за радување во Македонија, но кога ќе стивне заслужената еуфорија треба веднаш да се почне со подготовките и со анализите за ривалите на завршниот турнир. Не треба да се задоволуваме само со настапот, треба да се одигра најдобро што се може, да се верува во себе и да се остави добар впечаток. Тоа и спортската јавност во Македонија ќе го очекува. Јасно е дека на ЕП, Македонија ќе ја очекува многу потешка работа, ќе игра против силни селекции, но има многу примери кога т.н. аутсајдери правеле пријатни изненадувања. Нека биде така и со Македонија на ЕП – порачува од Емиратите Ѓоко Хаџиевски, поранешен селектор на Македонија.
Дончевски: Круна на сите напори на повеќе генерации
Величествена победа на Македонија, честитки и големо браво за големиот успех до сите фудбалери, за Горан Пандев, за селекторот Игор Ангеловски. Многу се израдував, ова е круна на сите напори на голем број фудбалери, селектори и на цела Македонија во минатите речиси три децении, од оној прв меч против Словенија на 13 октомври 1993 година. Згора, не можев да добијам подобар подарок за мојот 85-ти роденден в четврток, 19 ноември. Им посакувам уште вакви успеси и достојно претставување на Македонија на ЕП, изјави специјално за „Нова Македонија“ од далечниот Мелбурн, Австралија, Андон Дончевски, првиот селектор на Македонија.
Премии за фудбалерите
Македонските фудбалери ќе бидат богато наградени за пласманот на ЕП 2020. Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини, уште пред мечот со Грузија најави дека за победата над Грузија, што значи настап на финалниот турнир, репрезентативците и членовите на Стручниот штаб ќе поделат три милиони евра. По триумфот, македонската влада, преку премиерот Зоран Заев, најави дека сите во репрезентацијата ќе бидат наградени со по 10.000 евра.
ЕП 2020, ГРУПА Ц
ДАТУМ МЕСТО ДВОЈКА
13.6.2021 Букурешт Македонија – Австрија
17.6.2021 Букурешт Македонија – Украина
21.6.2021 Амстердам Македонија – Холандија
нокаут-фазата ќе почне на 26 јуни, а во неа ќе се квалификуваат по две првопласирани репрезентации од шесте групи, плус четири третопласирани со најдобар резултат