Премиерлигашот Челси за трансферот на младиот напаѓач ѝ плати на Борусија Дортмунд 64 милиони евра

Трансферот на Американецот Кристијан Пулишиќ (20), напаѓачот на германската Борусија Дортмунд, во англискиот премиерлигаш Челси за 64 милиони евра, на вториот дел од зимскиот преодон рок, е своевидна најава за богати јануарски фудбалски зделки. Пулишиќ потпиша договор со Челси, но до крајот на сезоната ќе остане во Борусија, со статус на позајмен играч.

Годинашниот зимски преоден рок започна на 1 јануари, во англиската Премиер-лига, во германската Бундес-лига, во француската Ла лига, но и во кинеската Суперлига, и ќе трае до 31-ви (во Кина дури до јули!).
Она што е значајно за врвните европски тимови е дека Европската фудбалска унија (УЕФА) го укина правилото фудбалерите што ќе минат во друг клуб во јануарскиот преоден рок да не можат да настапуваат за новиот клуб напролет во Лигата на шампионите (ЛШ).

Засега нема други поголеми зделки (освен Пулишиќ), но како и во минатите години, не се исклучени некои поголеми трансфери, како на пример на Арон Рамзи, Еден Азар, Пол Погба, Осман Дембеле, Герет Бејл, Антони Марсијал, Сеск Фабрегас, но поверојатно е дека повеќето од нив ќе се случат налето.

Како споредба, лани во јануари клубовите од петте европски лиги, Англија, Шпанија, Германија, Италија и Франција, за купопродажба на 574 фудбалери потрошиле 904 милиони евра, сума што може, но и не мора, да се надмине во јануари 2019. На трансфер-пазарот тогаш предничеа богатите англиски клубови (потрошија близу 500 млн. евра), речиси двојно повеќе отколку во јануари 2017-та.

Во јануари 2018-та најактивен на трансфер-пазарот беше премиерлигашот Ливерпул, со двете мегазделки. „Црвените“ најпрвин го купија Холанѓанецот Вирџил ван Дајк од Саутемптон за рекордни, за одбранбен фудбалер, 83 милиони евра, што е втор најскап зимски трансфер. Неколку дена подоцна Ливерпул на Барселона ѝ го продаде Бразилецот Фелипе Кутињо за близу 150 млн. евра, што е рекорден зимски трансфер.
Уште еден премиерлигашки клуб, актуелниот шампион Манчестер сити, не жалеше пари, и од Атлетик Билбао го купи одбранбениот фудбалер, францускиот интернационалец Емерик Лапорт за 63 млн. евра. Исто толку пари даде и Атлетико Мадрид за напаѓачот Диего Коста (63 млн.), кој целата претходна есен беше во немилост на Антонио Конте, тогашниот менаџер на Челси.

Петти на таа листа е напаѓачот на Борусија Дортмунд, Габонецот Пјер-Емерик Обамејанг, за кого Арсенал мораше да плати 60 млн. евра. Во Шпанија, Атлетик Билбао му даде на Реал сосиедад 31 млн. евра за трансферот на Ињиго Мартинез. Премиерлигашот Евертон за напаѓачот, Турчинот Чен Тосун му плати 30 млн. евра на Бешикташ, но барем досега таа инвестиција не се покажа како добра, бидејќи Тосун повеќе е на клупата за резерви отколку што игра. На осмата позиција на листата најскапи јануарски трансфери е Бразилецот Лукас Моура, кој дојде во Тотенхем од ПСЖ за 25,5 млн. евра.

Тето Волкот од Арсенал излезе подобра аквизиција на Евертон од Тосун, оти „карамелите“ за него платија 22 млн. евра. Листата од 10 топ-зимски трансфери ја заокружува младиот Маниел Акањи (23), за кого Борусија Дортмунд му исплати 22 млн. евра на Базел. 


Хернандез и Де Јонг најбарани

Францускиот интернационалец Лукас Хернандез (22), бекот на Атлетико, членот на репрезентацијата на „триколорите“, која ланилето во Русија по вторпат стана светски првак, е еден од најбараните, наедно и најскапите на фудбалскиот пазар зимава. Неговата моментална вредност изнесува 80 млн. евра (толкава е откупната клаузула), а наводно Баерн е подготвен да издвои толку пари. За Френки де Јонг (21) од Ајакс, чија вредност е над 70 млн. евра, има повеќе заинтересирани – Барселона, ПСЖ, Манчестер сити и Баерн. Има најави дека е можен негов трансфер уште зимава.
Танги Ндомбеле (22), играчот од средниот ред на Лион, на кого веќе фрлија око Барселона и Манчестер сити, играше одлично во групната фаза во Лигата на шампионите (ЛШ), по што неговата цена порасна на 60 млн. евра. Во Лион има уште еден млад и талентиран играч, напаѓачот Николас Пепе (23) од Брегот на Слоновата Коска, за кого Арсенал е подготвен да плати 35-40 млн. евра.
Натаму на листата најбарани играчи зимава е Мексиканецот Ирвинг Лозано (23), напаѓачот на ПСВ, кој за него бара 45 млн евра. За Парагваецот Мигел Алмирон (24), напаѓачот на Атланта јунајтед, има неколку заинтересирани тимови од Премиер-лигата што се подготвени да платат 30 млн. евра. Французинот Адриен Рабио (23) одби да го продолжи договорот со ПСЖ и летово е слободен играч. Наводно, Барселона веќе потпишала преддоговор со него, но и Манчестер сити е во игра.


Кејн постигнал гол против сите премиерлигашки тимови

Се чини дека напаѓачот на Тотенхем, Хари Кејн не може да престане да дава голови. На првиот меч во новата година тој му го постигна водечкиот гол за убедливиот триумф на Тотенхем на гости над Кардиф, 3-0.
Со тоа тој испиша нова страница во кариерата, во која стои дека постигнал гол против сите екипи во Премиер-лигата против кои настапил, вкупно 28!
Кејн (25) исто така го израмни и рекордот за постигнати голови во Премиер-лигата на 1 јануари, пет, колку што дале Енди Кол и Стивен Џерард.
За Кејн голот против Кардиф беше 15-ти на последните 11 натпревари во најсилната премиерлигашка конкуренција против новите прволигаши.
Покрај тоа, тој е и водечки стрелец во Премиер-лигата (14 гола, плус четири асистенции), заедно со Пјер-Емерик Обамејанг од Арсенал (14 и три асистенции). Севкупно поефектни напаѓачи од него се Еден Азар од Челси (10 гола и девет асистенции) и Мохамед Салах од Ливерпул (13 гола и седум асистенции).
Данецот Кристијан Ериксен го постигна 19-от гол со удар надвор од 16-те метри, повеќе од кој било друг играч од дебито во Премиер-лигата во 2013 година. Л.Д.