Реал Мадрид ја освои 34-та титула првак на Шпанија, а Зидан го освои 11-от пехар како тренер. За Реал ова е прв трофеј по заминувањето на Кристијано Роналдо во 2018 година

Реал Мадрид ја освои рекордната 34-та титула фудбалски првак на Шпанија (Барселона има 26 титули) со триумфот над Вилјареал со 2-1, 10-ти во низа за „кралевите“, во продолжението од сезоната по тримесечниот прекин поради пандемијата на ковид-19. Двата гола ги постигна Карим Бензема, вкупно 21 сезонава, а има и осум асистенции.
За Реал ова е прва титула по пауза од две години и прв освоен трофеј по заминувањето на Кристијано Роналдо во 2018 година. Фудбалерите на Реал Мадрид го кренаа трофејот на празниот стадион „Алфредо ди Стефано“, каде што тренираат бидејќи „Сантијаго Бернабеу“ е во фаза на реновирање. Тимот нема да ја прави ниту вообичаената шампионска парада во отворен автобус до фонтаната „Сибелес“ во центарот на Мадрид, заради избегнување каков било ризик од ширење на коронавирусот.
Тренерот на Реал, Зинедин Зидан, изјави дека освојувањето на титулата во Ла лига му е подраго од трофеите во Лигата на шампионите.
– Лигата на шампионите си е лига на шампиони, но титулата во Ла лига ме прави посреќен. Ние сме најдобри затоа што освоивме најмногу поени, тоа сѐ кажува. Играчите се најзаслужни, тие се изборија за тоа, јас си ја одиграв мојата улога, но тие веруваа во она што го прават. Чувството е неверојатно, немам зборови – изјави Зидан, кој го освои 11-от трофеј како тренер на Реал, втор во Лигата. 


ТРОФЕИТЕ НА ТРЕНЕРОТ ЗИНЕДИН ЗИДАН

Првенство на Шпанија 2
Суперкуп на Шпанија 2
Лига на шампионите 3
Суперкуп на УЕФА 2
Клупско СП 2
сите пехари се освоени како тренер на Реал Мадрид

ПРВАЦИ НА ШПАНИЈА

Реал Мадрид 34
Барселона 26
Атлетико Мадрид 10
Атлетик Билбао 8
Валенсија 6
Сосиедад 2
Ла Коруња 1
Севилја 1
Бетис 1