За секоја титула заслугата е на играчите, на тимот. Не може да се споредуваат титулите, особено оваа, бидејќи многу беше комплицирано и тешко. Сега е време малку да уживаме во постигнувањето, но не забораваме дека нѐ очекуваат нови натпревари, вели Зидан по освојувањето на 34-та титула шпански првак на Реал, за него 11-ти трофеј како тренер
ФУДБАЛ
Зинедин Зидан сезонава го предводеше Реал Мадрид до 34-та шампионска титула во шпанската фудбалска Ла лига, за него 11-ти трофеј како тренер на шпанскиот гигант. Но Французинот ги отфрли сите сугестии дека е „специјален“, како што Жозе Мурињо своевремено се опишуваше себеси.
– Не, не се чувствувам така. Се чувствувам среќно што сум во овој клуб и со овие играчи. Среќен сум и уживам многу секој ден. Тоа еден ден ќе заврши, но сега е реално, затоа се фокусирам на обврските – изјави Зидан на прес-конференцијата пред последниот првенствен меч против Леганес.
Титулата за Реал е прва по сезоната 2016/2017, тогаш со Кристијано Роналдо во тимот. Зидан им оддаде признание на сите фудбалери за освојувањето на титулата.
– Мислам дека за секоја титула заслугата е на играчите, на тимот.
Не може да се споредуваат титулите, особено оваа, бидејќи многу беше комплицирано и тешко. Моравме да се бориме до крајот. Сега е време малку да уживаме во постигнувањето, но не забораваме дека нѐ очекуваат нови натпревари – вели Зидан.
Тој одби да потврди дали ќе остане на клупата на Реал Мадрид и во следната сезона, признавајќи дека иднината никогаш не е сигурна во фудбалот.
– Никој не се знае што ќе се случува. Никогаш не зборувам за следната сезона или за наредната година. Имам договор и среќен сум. Работите во светот на фудбалот можат да се променат прекуноќ и јас немам претстава што носи иднината. Ќе продолжиме со тренинзите и ќе се подготвуваме за реваншот против Манчестер сити во осминафиналето на Лигата на шампионите – изјави Зидан.