Во двата вечерашни реванш-осминафинални дуели во Лигата на шампионите играат Манчестер сити – Реал и Јувентус – Лион
По долгата пауза поради пандемијата на ковид-19, вечерва со два реванш-осминафинални меча, Манчестер сити – Реал (2-1) и Јувентус – Лион (0-1), продолжуваат и натпреварите во Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал.
Манчестер сити има резултатска предност пред дуелот со Реал, по триумфот во Мадрид во февруари, но тоа не мора да значи. ништо По паузата, Сити одигра 12 меча, од кои девет ги доби, а три загуби и беше многу „ранлив“ во контранападите. На последните 11 меча во евроконкуренција, тимот на Пеп Гвардиола не прими гол само на два меча и, имајќи ја предвид предноста од првиот меч, можно е да игра малку попретпазливо, што не е одлика на тимот.
Од друга страна, пак, Реал е полн со самодоверба по освојувањето на титулата во шпанската Ла лига, во која по рестартирањето ги доби сите 10 меча! „Кралевите“, за кои ова е 50-та кампања во КЕШ/ЛШ, се во добра форма и за нив, како што изјави тренерот Зинедин Зидан, ова е како финале. За нив хендикеп ќе биде неиграњето на центархалфот Серхио Рамос, кој е суспендиран, но и Сити ќе биде лишен од услугите на повредениот Серхио Агуеро.
Јувентус е фаворит во дуелот со Лион, го има Кристијано Роналдо, „специјалистот“ за вакви натпревари, но под знак прашалник е играњето на Пауло Дибала, кој беше прогласен за играч на сезоната во Серија А. Проблем може да биде и одбраната на Јувентус, која прими дури 40 гола во домашното првенство.