Ливерпул, Ајакс, Баерн и Јувентус се веќе во осминафиналето, а по петтото коло може да се пласираат и Барселона, Челси, Борусија Дортмунд, Интер, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Пари сен Жермен, Порто, Реал Мадрид, Салцбург, Шериф, Спортинг и Вилјареал

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ, НЕДЕЛАВА ПЕТТО КОЛО

Во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) утре и задутре се играат натпреварите од петтата рунда во групната фаза, по која ќе бидат познати нови тимови што ќе им се придружат на Ливерпул, Ајакс, Баерн и на Јувентус, кои веќе се во осминафиналето. Според бодовното салдо, по петтото коло во осминафиналето може да се пласираат и Барселона, Челси, Борусија Дортмунд, Интер, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Пари сен Жермен, Порто, Реал Мадрид, Салцбург, Шериф, Спортинг и Вилјареал, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница. Само од своите резултати зависат десетина тима од таа листа.
УЕФА направи краток пресек на поинтересните мечевите неделава. Во групата Е, Баерн забележа максимални четири победи, си ја обезбеди првата позиција и ги остави Барселона и Бенфика да решаваат за второто место. Бенфика, која има четири бода, ќе се обиде да ја изненади Барселона (шест бода) на гости, која ја совлада во Лисабон, во септември, со 3-0. Барселона има нов тренер, Чави, кој го замени Роналд Куман, но треба да се има на ум фактот дека тимот постигна само два гола (прими шест) на минатите четири меча.
– Поради квалитетот што го имаме, ние ќе сториме сѐ за да ја спречиме Барселона да се квалификува во следната фаза – изјави тренерот на Бенфика, Жорге Жезус.
Роберт Левандовски постигна хет-трик на минатиот меч против Бенфика (5-2), по што е на најдобар стрелец сезонава со осум гола (најблиску до него е Себастијан Алер од Ајакс, со седум). Останува да се види дали полскиот репрезентативец вторпат ќе биде прв стрелец во ЛШ, откако во сезоната кога Баерн ја освои титулата, во сезоната 2019/2020, постигна 15 гола.

Може ли Вилјареал да ги запре Кристијано Роналдо и Манчестер јунајтед, кој е во голема криза? „Кристијано едноставно е неверојатен“, не го криеше одушевувањето сменетиот менаџер на Јунајтед, Оле Гунар Солскјаер, откако Роналдо му донесе еден бод на Јунајтед на мечот со Аталанта во Бергамо (2-2). „Црвените“ се на делба на првото место во групата Ф со Вилјареал (имаат по седум бода). Екипата на Унаи Емери ќе се обиде да ја забележи третата победа во низа, а Аталанта (пет бода) чека кикс на кој било тим.
Милан го освои првиот бод во групата Б на мечот со Порто во минатото коло, па надежта за пласман следната рунда ја гледа во триумф на гости над Атлетико и во примерот на Аталанта, која во сезоната 2019/2020 закрепна од сличен лош почеток и се пласира во осминафиналето.
Манчестер сити, тимот на Пеп Гвардиола, се среќава дома со ПСЖ (група А) и ќе се обиде да се реваншира за поразот во првиот меч (0-2).
– Натпреварот против ПСЖ ќе биде навистина голем и сакаме да го добиеме – изјави младиот Фил Фоден, играчот од средниот ред.
Фудбалерите на Маурицио Почетино не се поразени.
– Треба да се има голема желба да се отиде таму и да се добие натпреварот. Целта е да се квалификуваме и ние одиме таму со таа идеја на ум – вели Почетино.


ДВОЈКИ, 5. КОЛО

УТРЕ
Група Е: Динамо К. – Баерн М.,
Барселона – Бенфика
Група Ф: Вилјареал – Манчестер Ј., Јанг бојс – Аталанта
Група Г: Севилја – Волфсбург,
Лил – Салцбург
Група Х: Малме – Зенит, Челси – Јувентус
ЗАДУТРЕ
Група А: Манчестер С. – ПСЖ,
Бриж – Лајпциг
Група Б: Атлетико – Милан,
Ливерпул – Порто
Група Ц: Бешикташ – Ајакс,
Спортинг – Борусија Д.
Група Д: Интер – Шахтар, Шериф – Реал М.