За да има дополнителен решавачки меч за пласман во ЛШ, два тима треба да бидат на четвртото и на петтото место и да бидат израмнети во сѐ (бодови, гол-разлика, постигнати голови и меѓусебни дуели)
Барем шест клуба во фудбалската Премиер-лига на Англија се во трка за уште две слободни места во Лигата на шампионите (ЛШ) за следната сезона, а теоретски за едно место е можно да се игра и мајсторка, пишува „Би-би-си“. Сепак, за такво нешто треба два тима да се израмнети во сѐ (бодови, гол-разлика, постигнати голови и меѓусебни дуели). Од Англија во ЛШ во следната сезона ќе играат четири тима. Ливерпул и Манчестер сити обезбедија место во групната фаза, а за двете преостанати места конкурираат Челси, Лестер, Манчестер јунајтед, Вулверхемптон, Шефилд јунајтед, Тотенхем…
На неколку меча пред крајот на сезоната, Челси (гол-разлика 64-49) е трет со по четири бода повеќе од Лестер и од Манчестер јунајтед, кои, пак, имаат по еден меч помалку од Челси. Во моментов Лестер е пред Манчестер јунајтед поради подобрата гол-разлика за три гола (65-36, наспроти 61-35). Ако пласманот на табелата остане ист и по 38-то коло, а ист број бодови имаат Лестер и Манчестер јунајтед, тогаш е можна ретка разврска во Премиер-лигата. Но за да има и мајсторка за место во ЛШ, двата тима треба да бидат четврти и петти на табелата, да се израмнети со бодовите, да имаат идентична гол-разлика, да постигнале ист број голови и да се израмнети во меѓусебните дуели (во првиот дуел сезонава Манчестер јунајтед дома го победи Лестер со 1-0, а тие меѓу себе треба да играат и во 38-то коло).
Англија може да има пет тима во ЛШ ако победникот сезонава во ЛШ или во Лига Европа (ЛЕ) биде од Англија и ако тој тим не е пласиран меѓу првите четири екипи во Премиер-лигата. Ако два англиски тима слават во европските купови, а се послабопласирани од четвртото место во домашното првенство, тогаш во ЛШ ќе играат тие два тима и најдобрите три екипи од Премиер-лигата (во тој случај четвртопласираниот тим ќе игра во ЛЕ).