ФУДБАЛ – АНГЛИЈА, ПРЕМИЕР-ЛИГА

На многуте контроверзни и нејасни одлуки на системот видеопомошник-судија (ВАР) сезонава во англиската фудбалска Премиер-лига ѝ се придодаде и онаа на судијата на теренот Ли Мејсон, на мечот ВБА- Брајтон, 1-0. Тој во 29. минута дозволи Брајтон брзо да изведе слободен удар, притоа и да постигне гол. Во меѓувреме тој ја прекина играта, но по реакцијата на играчите на Брајтон го призна голот. На крајот го поништи голот по интервенцијата на ВАР, во општиот хаос покрај аут-линијата и досуди повторно да се изведе слободниот удар.
Таа конфузна ситуација ги фрли во втор план случувањата на теренот, како што беа двата пенала за Брајтон што не беа претворени во гол со удари во стативата, со што влезе во историјата на Премиер-лигата како прв тим што го сторил тоа во еден меч. Но ги разгоре и дебатите за различното толкување на правилата на фудбалската игра и лабавите и неизедначени критеруми. Премиер-лигата ја објасни одлуката на Мејсон преку соопштение на Твитер. „Луис Данк брзо го изведе слободниот удар и ја испрати топката во мрежата, но откако се консултира со ВАР, судијата Ли Мејсон го поништи голот, затоа што вториот негов свиреж беше пред топката да ја помине гол-линијата“.
Менаџерите на двата тима, Сем Алардајс и Грем Потер, целосно беа збунети, а Данк, несудениот стрелец на голот за Брајтон, беше бесен.

– Срамота, тоа е ужасна одлука. Го прашав судијата дали можам да изведам слободниот удар, тој свирна и јас го изведов. Мислам дека тој не знаеше што прави. Го призна голот, зошто го стори тоа ? Не знам зошто ВАР се вклучи, кога тој рече „гол“, тоа може да се види на видеоснимката. Тој ја загуби контролата над играта, тоа е факт – изјави Данк за „Скај спорт“.
На социјалните мрежи имаше многубројни реакции за поништениот гол и за збунувачкото толкување на фудбалските правила.
– Мејсон го поништи, па го призна, па пак го поништи голот. Позбунувачки не може да биде. Вакво нешто досега немам видено, ова е врв на бесмисленоста на некои од фудбалските правила. Одлуката на Мејсон е против тимот во чија полза е досуден прекршокот – напиша на Твитер Гери Линекер, поранешниот репрезентативец на Англија, сега стручен коментатор.