По Белгија, Италија, Русија, Полска, Украина и Шпанија, кои место на ЕП 2020 обезбедија во октомври, по првите мечеви во ноември се пласираа и Франција, Англија, Чешка и Турција

Актуелниот светски првак Франција, Англија, Чешка и Турција на едно коло пред крајот на квалификациската кампања си го заверија пласманот во завршницата на фудбалското Европско првенство (ЕП) во 2020 година, со што им се придружија на Белгија, Италија, Русија, Полска, Украина и на Шпанија. Овие 10 репрезентации играа и на минатото ЕП, во 2016 година, прво на кое играа 24 селекции.
Чешка на домашен терен во Плзен го совлада Косово (2-1), веројатниот противник на Македонија во евентуалниот плејоф во Лигата на нации (ЛН) в година и седми пат по ред се пласира на завршниот турнир на ЕП. Македонија вечерва се среќава со Австрија и, во случај на победа, ќе ги задржи шансите за пласман на ЕП 2020 низ квалификациите.

Англија во јубилејниот 1.000-ти меч во 147-годишната фудбалска репрезентативна историја, со најмладата стартна постава во последните 60 години (23 години и 255 дена), ја победи Црна Гора на стадионот „Вембли“, со 7-0. Натпреварите од таа група, Косово – Англија, односно Бугарија – Чешка утре, ќе бидат формалност што се однесува за квалификациите.

Косово првпат игра во квалификации за едно поголемо натпреварување, во случајов за ЕП. На седумте меча во групата тие забележаа три победи (над Бугарија на гости со 3-2, над Чешка дома со 2-1 и над Црна Гора дома со 2-0), две ремија (со Бугарија и со Црна Гора по 1-1) и два пораза (од Англија 3-5 и од Чешка, 1-2), со вкупна гол-разлика 13-12 и 11 освоени бода. До ова претпоследно коло Косово беше во комбинација за освојување на едно од првите две места што водат на ЕП, оставајќи ги зад себе Црна Гора и Бугарија, кои имаат по три бода. Од 2016 година, па до пред два месеца, и поразот од Англија (3-5) на 10 септември во Саутемптон, Косово беше во серија од 14 меѓународни натпревари без пораз. Репрезентацијата е составена главно од помлади фудбалери што играат во странски клубови, само со тројца над 30 години.

Во групата, Х, очекувана разврска, Франција со победата над Молдавија (2-1) и Турција со ремито против Исланд (0-0) се во завршницата на ЕП. 


Роналдо е на два гола до „клубот 100“

Актуелниот европски фудбалски првак Португалија ја совлада Литванија со 6-0 (група Б) во квалификациите за ЕП 2020, а деветтиот хет-трик во репрезентативниот дрес го постигна Кристијано Роналдо (55-ти вкупно во кариерата). Тој стигна до 98 гола за Португалија. Португалците уште не се пласирани на ЕП 2020, во последното коло в недела му гостуваат на Луксембург и потребна им е победа за сигурен пласман на финалниот турнир. Украинците со 19 бода веќе се пласираа, Португалија е втора со 14 бода, а Србија трета со 13 бода. Мечот во Луксембург е шанса за Роналдо да стане вториот фудбалер со барем 100 гола на интернационално ниво. Во моментов рекордер е Иранецот Али Даеи, кој постигнал 109 гола.


ДВОЈКИ ЗА ДЕНЕСКА
Група Ц: Германија – Белорусија, С. Ирска – Холандија
Група Е: Азербејџан – Велс, Хрватска – Словачка
Група Г: Австрија – Македонија, Словенија – Летонија, Израел – Полска
Група И: Кипар- Шкотска, Русија – Белгија, Сан Марино – Казахстан
УТРЕ ИГРААТ
Група А: Бугарија -Чешка, Косово – Англија
Група Б: Луксембург – Португалија, Србија – Украина
Група Х: Албанија – Франција, Андора – Турција, Молдавија – Исланд