НАЈДОБАР ФУДБАЛЕР НА СЕЗОНАТА ВО ИЗБОРОТ НА УЕФА
Постојат две различни емоции бидејќи, во еден случај, работевте секојдневно, цела година, кон таа цел и се залагавте за боите на вашиот клуб. Другиот трофеј ја мобилизира вашата земја, вашиот народ и тоа е, исто така, моќно, вели Жоржињо, кој по освојувањето на Лигата на шампионите со Челси и европската титула со репрезентацијата на Италија, го доби и признанието на УЕФА за фудбалер на годината
Жоржињо е прогласен за фудбалер на годината во изборот на Европската фудбалска унија (УЕФА), по одличната сезона во која ги освои Лигата на шампионите со Челси и европската титула со репрезентацијата на Италија. Мултиталентираниот играч за врска зборуваше за УЕФА за честа да ја добие наградата и за неговите достигнувања во минатите 12 месеци со клубот и со репрезентацијата.
Какво е чувството да се биде прогласен за фудбалер на годината?
Жоржињо: Тоа е огромна работа, нели? Немам зборови. Неверојатно е, навистина. Морам да кажам колку сум благодарен. Не само на моето семејство и на пријателите, ништо од ова немаше да се случи ако не беа сите луѓе околу мене, моите соиграчи во клубот и во репрезентацијата, тренерите, публиката. Морам да им се заблагодарам и на сите оние што не веруваа во мене, кои ме критикуваа. Ми дадоа уште повеќе охрабрување. Тие ме мотивираа да работам повеќе и повеќе, за да докажам дека не се во право. Сѐ што се случи беше благодарение на луѓето што беа покрај мене, семејството, пријателите, мојот агент, моите соиграчи, тренерите, физиотерапевтите, економите, сите луѓе што се дел од тоа и честопати не се споменуваат. Тие прават одлична работа зад сцената, за да бидеме подготвени за игра. Така, сѐ се случи благодарение на сите овие луѓе, и не само благодарение на мене, овие нозе или главата. Тоа е цел комплет на работи, фудбалот е тимска игра.
Што значи за вас освојувањето на Лигата на шампионите и на ЕП?
Жоржињо: Тоа е навистина надреално за мене врз основа на тоа од каде потекнувам, мојата заднина. Доаѓам од мал град, Имбитуба, не сум сигурен дека сте го слушнале името порано. Освоив многу трофеи и награди. Навистина е надреално кога зборувам со моето семејство и со пријателите и ние секогаш го користиме зборот „надреално“, бидејќи е тешко да се замисли и да се поверува во сѐ што се случувало. Затоа велам дека навистина го живеам сонот и се чувствувам навистина исполнето и среќно.
Што значат за вас двата трофеја? Дали секој од нив го чувствувате различно?
Жоржињо: Да. Постојат две различни емоции бидејќи, во еден случај, работевте секојдневно, цела година, кон таа цел и се залагавте за боите на вашиот клуб, повеќе националности, повеќе култури што играат за еден клуб. И тоа е неверојатно. Тоа е врвно достигнување за еден клуб, нели? Не можам да верувам дека го освоив тоа, особено против Манчестер сити. Другиот трофеј ја мобилизира вашата земја, вашиот народ и тоа е, исто така, моќно.
Освен финалето, кој беше најзначајниот момент или меч за вас на ЕП 2020?
Жоржињо: Имаше многу моменти, целото ЕП беше толку посебно, но морам да кажам, освен финалето, секако, и натпреварите со Белгија и со Шпанија. Мечот со Белгија беше против највисокорангираната селекција, при што сите повторуваа дека Италија нема пораз веќе 30 натпревари, само затоа што не се соочила со силни противници. Го слушавме сето тоа и само го слушавме. Си рековме едни на други: „Нека зборуваат“. И тогаш, играме со најдобриот тим во светот и заслужено победуваме. Тоа беше многу добро чувство и доста задоволувачки момент. Мечот со Шпанија беше поинаков. Искрено, можам да кажам дека тие беа единствениот тим што, ако победеа, немаше што да кажеме за тоа, бидејќи тие ја контролираа играта, создаваа шанси, нѐ натераа да се бориме. Тоа беше единствениот натпревар каде што погледнав во часовникот и времето едноставно не минуваше. А потоа, исто така, пеналот против Шпанија. Тоа беше посебен момент за мене, постигнување гол во петтиот удар од белата точка. Тие два натпревари, како и финалето, беа извонредни.
Четири индивидуални награди за членови на Челси
Членовите на европскиот фудбалски првак Челси доминираа во изборот на Европската фудбалска унија (УЕФА) на најдобрите за минатата сезона. Така, наградата за најдобар фудбалер ја освои Жоржињо, најдобар голман е Едуард Менди, најдобар плејмејкер е Нголо Канте, а најдобар тренер е Томас Тухел. Признанието за најдобар одбранбен играч го доби Рубен Диас од Манчестер сити, а за најдобар напаѓач го освои Ерлинг Холанд од Борусија Дортмунд.
НАЈДОБРИ ЗА МИНАТАТА СЕЗОНА
ПОБЕДНИК КАТЕГОРИЈА КЛУБ
Жоржињо најдобар фудбалер Челси
Едуард Менди најдобар голман Челси
Рубен Диас најдобар одбранбен играч Манчестер с.
Нголо Канте најдобар плејмејкер Челси
Ерлинг Холанд најдобар напаѓач Борусија Д.
Томас Тухел најдобар тренер Челси
ПОБЕДНИЦИ ВО ИЗБОРОТ НА УЕФА ЗА ФУДБАЛЕР НА ГОДИНАТА
ГОД. ФУДБАЛЕР КЛУБ
2011 Лионел Меси Барселона
2012 Андрес Инеста Барселона
2013 Франк Рибери Баерн
2014 Кристијано Роналдо Реал Мадрид
2015 Лионел Меси Барселона
2016 Кристијано Роналдо Реал Мадрид
2017 Кристијано Роналдо Реал Мадрид
2018 Лука Модриќ Реал Мадрид
2019 Вирџил ван Дајк Ливерпул
2020 Роберт Левандовски Баерн
2021 Жоржињо Челси