Трансферот на бразилскиот напаѓач Жоелинтон во премиерлигашот Њукасл за 44 милиони евра од Хофенхјам го првилече вниманието на фудбалската јавност, поради фактот што „црно-белите“ го урнаа клупскиот рекорд за еден трансфер за играч кој не е во центарот на вниманието на скаутите.
Жоелинтон чинеше 3 милиони евра повеќе од сонародникот Фирмино, кој исто така од Хофенхајм премина во премиерлигаш, поточно во Ливерпул во 2015 година, и се покажа како еден од најдобрите трансфери на овогодишниот освојувач на Лигата на шампионите во последната декада, пишува во анализата на „Дојче веле“.
Има многу сличности меѓу двајцата напаѓачи од Бразил, со тоа што 22-годишниот Жоелинтон го направи трансферот во Премиер-лигата една година помлад од Фирмино. На физички план, засега релативно анонимниот напаѓач е поголем и посилен од ѕвездата на тимот од „Енфилд“, но има подеднакво добар дриблинг и е лесно може да се справи со дефанзивците.
Слично како со Фирмино, трансферот на Жоелинтон не е без ризик, особено поради фактот што Њукасл веќе повеќе години нема квалитетен голгетер во своите редови, а фудбалските експерти сметаат дека ќе му треба време за да се прилагоди на средината под водство на новиот менаџер Стив Брус. Сезоната во можеби најсилната фудбалска лига започнува во август и останува да се види како и дали младиот Бразилец ќе успее да ги следи чекорите на неговиот сонародник, кој многу успешно е дел од убиствената напаѓачка тројка на тимот на Јирген Клоп.