Ако се направи една ретроспектива на сите пет настапи на Македонија на СП, ќе се воочи дека кога нападот бил поефикасен Македонија била повисоко пласирана во групата (на пример второ место со над 145 гола на петте меча)
Конечниот пласман, но и пласманот во групната фаза на македонската машка ракометна репрезентација на претстојното Светско првенство (СП) во јануари 2019 година во Данска и во Германија, многу ќе зависи од расположението на црвено-жолтите стрелци, секако и од одбраната, предводена од голманите.
Статистички гледано, Македонија досега на пет мундијали постигнала 12 победи 11 порази и две ремија. Ако се направи една ретроспектива на сите пет настапи, ќе се воочи дека кога нападот бил поефикасен, односно кога постигнувал повеќе голови, пласманот во групната фаза бил подобар и обратно.
Така, на последните две СП, во Катар во 2015 година односно во Франција во 2017 година, кога и се постигнати најмногу голови (153, односно 151, во двата случаја позитива од 15 гола), а се примени по 138 односно 136 гола на пет средби, е освоено второто, односно третото место во групата.
Со тоа е повторен пласманот на СП во Хрватска по групи (второ место), кога, исто така, се примени 136 гола, но тогаш постигнати биле помалку, 145 гола. Кога, пак, се реализирани помалку од 145 гола (29 во просек по меч), пласманот бил од третото до петтото место во својата група.
На другата страна, кога се примани помалку од 140 гола пласманот бил второ или трето место, а над таа граница Македонија била четврта или петта во групата.
Македонија на СП 2019 е во групата Б со селекциите на Јапонија, Бахреин, Хрватска, Шпанија и Исланд. Во следната фаза ќе се пласираат првите три селекции.
Македонија на СП
Најмногу победи во група (4) СП Катар
Најмногу порази во група (4) СП Египет
Најмногу постигнати голови 153 (30,6 по меч) СП Катар
Најмногу примени 149 (29,8) СП Египет
Најмалку постигнати голови 122 (24,4) СП Египет
Најмалку примени голови 136 (27,2) СП Хрватска и СП Франција
Најдобра гол-разлика (15) СП Катар и СП Франција
Најлоша гол-разлика (-27) СП Египет
Најдобар пласман во група (2) СП Хрватска и СП Катар
Најслаб пласман во група (5) СП Египет