На ЕП 2020 беа соборени рекорди, почнувајќи со бројот на голови, но ЕП 2020 е првото на кое голман е крунисан за најдобар фудбалер на
турнирот. Континенталното првенство ќе биде запаметено исто толку по својот извонреден напад, како и по новите одредници поставени од голманите, особено од Италијанецот Џанлуиџи Донарума, пишува УЕФА

Техничкиот извештај на Европската фудбалска унија (УЕФА) ги опфаќа сите клучни трендови и случувања забележани за време на Европското првенство (ЕП) 2020, на кое беа соборени рекорди, почнувајќи со бројот на голови. ЕП 2020 беше првото на кое голман е крунисан за најдобар фудбалер на турнирот. Откривањето на овој очигледен парадокс беше улогата на тимот технички набљудувачи на УЕФА, кои беа сведоци на огромна извонредност на двата краја на теренот за време на турнирот, кој ќе биде запаметен исто толку по својот извонреден напад, како и по новите одредници поставени од голманите, особено од Италијанецот Џанлуиџи Донарума, кој се издвои од сите играчи што настапија на ЕП, пишува УЕФА на својата интернет-страница.

БЕКОВИ, ВИСОК ПРЕСИНГ…

Ефективната употреба на бековите во поддршката на нападите беше една од карактеристиките на тимот што ја освои титулата, а Леонардо Спинацола беше ставен и во тимот на турнирот. Паки Бонер, откако го гледаше Спинацола на мечот со Австрија, забележа како „секогаш се закануваше дека ќе стигне до линијата и го видовме двапати во петерецот. Тој се поврза исклучително добро со Инсиње, кој го презеде десниот бек на Австрија“. Оваа способност да се комбинира со напаѓачите и да не мора секогаш да се преклопуваат, исто така, беше дискутирана како подобрување на напаѓачкиот идентитет на модерен бек.
Принудувајќи ги противниците да излезат од зоните на удобност, бековите или крилните бекови постигнаа 16 гола на ЕП 2020, вклучувајќи го и тој на Лук Шо во финалето. Ова беше дел од колективната дефанзивна стратегија што им дозволи на бековите да нападнат без грижа дека ќе се загуби поседот на топката.
– Мислам дека Италија, кога ја губеше топката во напаѓачкиот дел од теренот, ја прекинуваше можноста противниците да додаваат широко. Ја зголемија густината на играчите помеѓу 25 и 40 метри со шест или седум играчи и ги оставија Бонучи и Кјелини зад себе со Жоржињо напред. Другите ја правеа транзицијата и мислам дека Италија работи многу добро во блокирањето за да ја задржи топката – рече Жан-Франсоа Домерг.
Овој блок често се случуваше на половината на противникот, со тактика за висок пресинг, која најде истакнато место и во тетратките на техничките набљудувачи, пишува УЕФА. Откако ја следеше Италија во групната фаза, Естебан Камбиасо извести за она што се истакна во играта на „азурите“.
– Ако треба да изберам еден клучен фактор, тоа е притисокот врз противниците во напаѓачката третина. Тие притискаат со многу играчи и имаше многу кратко време помеѓу губењето и освојувањето на топката. Тоа значи дека тие не даваа премногу шанси за противникот за брза транзиција – рече тој.
Пет пати по брзото враќање на поседот на топката, Италија постигнуваше голови. Соочени со овој притисок, трендот на длабок почеток на акциите, забележан по промената на правилата во 2019 година во врска со изведувањето гол-аут, беше донекаде ублажен, при што тимовите покажаа малку повеќе претпазливост кога се обидуваа да изведат топка за нов напад.

МОДЕРНА ИНТЕРПРЕТАЦИЈА НА ГОЛМАНСКАТА УЛОГА

Дискусија меѓу набљудувачите имаше и за улогата на бројот 9, за проширување на компетенциите на напаѓачот, за голманите… Првпат голман доби признание за најдобар на ЕП и иако ова може да подразбира дефанзивен турнир, тоа не може да биде подалеку од вистината. Донарума се издвои не толку за класичните голмански атрибути, како што се сопирањето удари и рефлексите, туку за неговата модерна интерпретација на улогата што ја има и која претрпе револуција во текот на изминатата деценија.
– Не е само видливиот дел на Донарума, одбраните, додавањата во изградбата на акциите и бранењето пенали, туку и невидливиот дел за многумина, за тоа како тој имаше големо влијание во текот на целиот турнир – објаснува техничкиот набљудувач Франс Хук.
Бонер водеше тим од голмански експерти што ги анализираа перформансите на голманите, истакнувајќи колку повеќеслојна стана улогата на голманите. Нивните наоди ќе се користат за едукација на тренери за голмани, пишува, меѓу другото, во извештајот.

ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО НА ДРИБЛИНГОТ

„Златната копачка“ на ЕП 2020 му припадна на Кристијано Роналдо, но името врежано на тој трофеј лесно можеше да биде „автогол“ со вкупно 11, два повеќе отколку во претходните 15 континентални првенства заедно, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница, претставувајќи го Техничкиот извештај за ЕП 2020. Со дополнителни 14 гола што беа постигнати по одбиена топка, користењето на нафрлените топки беше особено продуктивен пат до голот. Тука доаѓаат до израз брзи, технички надарени играчи, бидејќи дриблингот се врати во мода.
– Ова е ЕП на дриблингот. Конечно, можеме да видиме како млади играчи одат еден на еден, обидувајќи се да ги дриблаат своите противници за да стигнат до гол-линијата и да центрираат – рече италијанскиот стручњак Фабио Капело, пренесе УЕФА.
Федерико Киеза и Лоренцо Инсиње од Италија и Рахим Стерлинг од Англија покажаа знаци на оживување на калибар на играч што предизвикува најголема возбуда кај гледачите и загриженост кај бековите, пишува УЕФА.
– Во Италија имаме многу среќа во овој период да ги имаме овие играчи. Движењето е навистина важно, но, исто така, е и тоа дека ризикуваат да дриблаат – вели Капело, кој смета дека Стерлинг, исто така, ја „направи разликата“ за Англија.