Завршен турнир на ЕП со 32 репрезентации? Зошто да не, јас сум за, идејата е добра, вели новиот македонски селектор Благоја Милевски, а слични гледишта имаат и неговите колеги тренери, Алексо Мацков и Зоран Стратев

ФУДБАЛ

Европското првенство (ЕП) во фудбал што неодамна заврши со заслужен триумф на Италија ги оправда очекувањата. Ова особено се однесува на натпреварите, кои, првпат, се играа низ континентот, во 11 града и земји, во необични околности, со различни безбедносни и здравствени протоколи, од речиси празни до преполни стадиони.
Европската фудбалска унија (УЕФА) не го криеше задоволството поради успешно завршеното ЕП, но и најави дека поради логистичките проблеми при долгите патувања на репрезентациите и на гледачите, ЕП нема повторно да биде во ист или во сличен формат. Од друга страна, веднаш следуваа најави или „испитување на теренот“ за проширување на финалниот турнир од сегашните 24, на 32 репрезентации на ЕП во 2028 година.
Со додавањето осум нови екипи во завршницата, веројатно ќе бидат потребни некои промени и во квалификациите, чиј формат ќе треба да се ревидира или да се укине, бидејќи повеќе од половина земји-членки на УЕФА (вкупно има 55) би се нашле на ЕП. Постојат и некои стравувања дека квалификациите ќе бидат неинтересни за гледачите и за ТВ-операторите.
– Завршен турнир на ЕП со 32 репрезентации? Зошто да не, јас сум за, идејата е добра. Секако е добро за Македонија и за други, условно кажано помали фудбалски земји, редовно да се конкурентни за играње во завршница на ЕП, со најдобрите. Мислам дека нема опасност квалификациските натпревари да станат неинтересни. Која е гаранцијата и за најдобрите дека лесно ќе минат во квалификациите – вели новиот македонски селектор, Благоја Милевски.

Една од причините за проширување од 24 на 32 екипи се спортските мотиви. Со 16 екипи на ЕП од 1996 до 2012 година, првите две селекции од четирите групи се пласираа во четврт-финалето. Со вметнување на осминафинале од ЕП 2016, во нокаут-фазата одеа првите две од шесте групи и четирите третопласирани со најдобар резултат, кои мораа да чекаат по последните натпревари во групната фаза за да дознаат дали одат понатаму. ЕП со 32 селекции ќе значи дека понатаму би оделе двете првопласирани од осумте групи.
– Завршница на ЕП со повеќе репрезентации би било добро, особено за земји како што е Македонија, пред сѐ заради континуитетот на настапи. Не треба посебно да се потенцира што значи настап на ЕП, тоа го видовме и го почувствувавме годинава. Не сметам и дека квалификациите би станале неинтересни, можеби за поголемите земји, но за помалите, би имало возбудувања до последното коло, кога би можело да се обезбеди настапот – вели Алексо Мацков, поранешен тренер на повеќе клубови во Македонија, сега скаут за млади категории фудбалери при ФФМ.

Со проширување на финалниот турнир на ЕП, УЕФА би го следела патот по кој чекори Светската фудбалска федерација (ФИФА), која завршниот турнир на СП 2026 го зголеми од 32 на 48 репрезентации. Постојат спортски причини за да станат турнирите поголеми, со тоа повеќе земји имаат шанси да се квалификуваат, се зголемува интересирањето во светот и ќе има многу повеќе пари од спонзорите и од ТВ-компаниите.
– Не е лоша идејата за 32 репрезентации, со тоа би се добила уште поголема масовност. Македонија и Финска дебитираа на ова ЕП, тоа е нов импулс за фудбалот во двете земји. Не сметам и дека квалификациите ќе загубат многу во квалитетот, туку напротив – вели Зоран Стратев, координатор на младите репрезентативни селекции на Македонија.