Репрезентацијата на Македонија за фудбалери до 21 година може да жали за пропуштената прилика во поразот од европскиот првак Шпанија 0-1, во денешниот натпревар од квалификациите за Европското првенство во 2021 година, одигран на националната арена „Тоше Проески“ во Скопје.
Македонските надежи беа рамноправен противник на фаворизираните врсници во поголемиот дел од мечот. Шпанија стигна до победата со голот од пенал на 20-годишниот фудбалер на Реал Мадрид Хуго Дуро во 83-та минута, додека Димитар Митровски не реализираше удар од белата точка за Македонија во 86-та минута.
Фаворизираната Шпанија е на првото место со 16 поени, а Македонија е на третото место со 7 поени од пет меча, колку што имаат и Казахстан и Црна Гора, додека Израел е втор со 8 поени (од четири средби).
Следен противник на избраниците на Благоја Милевски се Фарските Острови, во вторник.
На ЕП 2021 ќе се пласираат победниците на деветте квалификациски групи и најдобрите пет меѓу второпласираните, а директен пласман обезбедија домаќините Словенија и Унгарија.
РЕЗУЛТАТИ: Македонија – Шпанија 0-1, Казахстан – Црна Гора 0-4
ТАБЕЛА: Шпанија 16, Израел 8, Македонија 7, Црна Гора 7, Казахстан 7, Фарски Острови 3.