Поранешниот напаѓач на Челзи, Дидие Дрогба, кој стави официјално крај на кариерата, смета дека неговиот поранешен тренер Жозе Мурињо може далеку полесно да стане шампион на чело на Манчестер Сити, кој во моментов е предводен од Пеп Гвардиола.
Специјалниот трпи критики поради лошите резултати кои ги постигнува во Манчестер Јунајтед, а Африканецот има објаснување зошто стратегот на „црвените ѓаволи“ е толку многу критикуван во последно време.
– Мислам дека ако Мурињо го преземеше Манчестер Сити, без проблеми досега ќе ја освоеше титулата два или три пати. Добива критики, бидејќи е менаџер кој сме навикнати да гледаме како освојува многу трофеи. Во моментов е тешко, сепак. Да се вратиме малку назад, меѓутоа и да видиме како се справија оние кои беа пред Жозе на „Олд Трафорд“. Не е лесно да го замениш Сер Алекс и да ги постигнуваш неговите успеси. Тоа е голем товар, изјави Дрогба, цитиран од „Скај Спортс“.
Поранешниот репрезентативец денеска официјално објави дека става крај на својата фудбалска кариера. За последно, 40-годишниот напаѓач настапуваше во втората американска лига, во тимот на Феникс.