Роберто Фирмино

„Црвените“ на 21 меч сезонава ја забележа 20-та победа (со едно реми), што е најдобриот почеток на првенствена кампања во историјата на англискиот фудбал, но и во петте најквалитетни европски лиги, Шпанија, Германија, Италија и Франција

Ливерпул ја забележа 20-та победа сезонава, 12-та по ред, на гости над Тотенхем со 1-0, на 21-от меч (со само едно реми) во Премиер-лигата и веќе има 61 поен, што е најдобриот почеток на првенствена кампања во историјата на англискиот фудбал, но и во петте најквалитетни европски лиги, Шпанија, Германија, Италија и Франција. Ниту тимовите од „тешка категорија“, како што се Реал, Барселона, Јувентус, Баерн или ПСЖ, никогаш не биле толку доминантни на домашната сцена како Ливерпул. Во шампионската 2017/2018 сезона, Манчестер сити имаше 59 бода по 21 меч.
Фудбалерите на Ливерпул може да се пофалат и дека на сите натпревари сезонава (21) постигнуваа најмалку по еден гол, повторувајќи ја сезоната 1933/1934. Ливерпул не прими гол на последните шест меча, првпат по декември 2006-та, а на 38 првенствени меча (33 победи и пет ремија), лани и годинава, освои 104 поени, што е за два повеќе од рекордните постигнувања на Манчестер сити во 2018-та и на Челси во 2005 година.

На 17 меча до крајот, „црвените“ практично имаат недостижна предност и се на најдобар пат да му стават крај на 30-годишното чекање на 19-та шампионска титула, прва во премиерлигашката ера. Општ консензус е дека треба да се случи некаков драматичен колапс, па „црвените“ да не ја освојат титулата.
По ваквата победничка серија, многумина посочуваат дека Ливерпул е на најдобар пат да се израмни со „непобедливиот“ Арсенал, кој во сезоната 2003/2004 не загуби ниеден натпревар и беше во серија од 49 меча без пораз. Но менаџерот на Ливерпул, Германецот Јирген Клоп, не размислува за какви било рекорди, оти на ум му е само освојувањето на титулата.
– Ги знам бројките, тоа е нешто посебно, но мене тоа не ми значи многу. Не знам, можеби нешто не е в ред со мене, но така се чувствувам. Кога некој ќе ви го предаде трофејот, тогаш е веќе готово. Дотогаш треба да се борите. Ние само треба да продолжиме со истото темпо, затоа што нашите ривали воопшто не се за потценување. Пеп Гвардиола и Манчестер сити нема да се откажат предвреме, тоа е сигурно. Јас би го сторил истото тоа. Досега сѐ беше добро, треба да продолжиме во тој стил – вели Клоп.

Роберто Фирмино го постигна победоносниот гол за Ливерпул, за него само седми сезонава (плус четири асистенции), но сите на гостински терен. На последните шест натпревари во сите конкуренции тој даде пет гола, исто колку и на претходните 30 натпревари. 


Загрозени рекордите на Манчестер сити

Ливерпул до крајот на сезоната може да израмни и да собори неколку рекорди. Сезонава Ливерпул има 100-отстотен ефект на Енфилд (11 победи) и ќе се обиде да им се приклучи на Челси (2004/2005), Манчестер јунајтед (2010/2011) и Манчестер сити (2018/2019), кои победиле на 18 од 19-те меча на домашен терен.
Сити има најмногу победи на гости, 16 во сезоната 2017/2018, а Ливерпул засега има и уште толку гостувања до крајот. Со рекорден број првенствени победи (32) во последните две сезони може да се пофали Сити. На Ливерпул му се потребни уште 13 триумфи на преостанатите 17 меча, што не е неостварливо, имајќи ја предвид формата во која се наоѓа сезонава. Сити е и рекордер според бројот на освоени поени, 100 во сезоната 2017/2018.