Документарецот ги истакнува професионалноста, мотивацијата и посветеноста на некои од најдобрите европски судии, како и прикажувањето на човекот што стои зад фигурите што ги гледаат играчите и гледачите на теренот, вели првиот човек на судиската организација на УЕФА, Роберто Росети
Европската фудбалска унија (УЕФА) почна со емитување на документарниот сериски филм за судиите во Лигата на шампионите, „Човекот на средината“. Со оваа оригинална документарна серија, УЕФА ќе обезбеди невиден увид во едно од најтешките работни места во фудбалот, со која се прикажува одблизу и лично што е потребно за да се биде судија во Лигата на шампионите, пишува УЕФА.
Документарниот филм е седмична серија од четири дела, која премиерно се прикажа неделава, а го следи професионалниот и приватниот живот на 16 службени лица од 11 земји, во период од 18 месеци (февруари 2019 до август 2020 година). Тие се во елитната судиска група избрана од УЕФА за да суди на натпревари во европското врвно клупско натпреварување, пишува УЕФА.
– Ова е многу важен документарец за УЕФА и за нашето судиско семејство. Тоа ги истакнува професионалноста, мотивацијата и посветеноста на некои од најдобрите европски судии, како и прикажувањето на човекот што стои зад фигурите што ги гледаат играчите и гледачите на теренот. Се надевам дека сите ќе можат да уживаат во серијата и дека луѓето ќе можат да научат повеќе за тоа што е потребно за да се стане и да се биде елитен судија на УЕФА – вели првиот човек на судиската организација на УЕФА, Роберто Росети.
Гледачите, исто така, ќе можат да ја видат и психолошката подготовка, која е голем дел од тренингот на елитните судии, како и сесиите за вежбање преку интернет, кои станаа норма за време на привременото запирање на фудбалот во 2020 година, пишува УЕФА.