Во Лигата на шампионите (ЛШ) се одиграа првите плејоф-натпревари за пласман во групната фаза натпревари.
Двете екипи од просторите на поранешна СФР Југославија, загрепски Динамо и белградска Црвена звезда, имаат реални шанси да се најдат во следната, групна фаза. Хрватскиот претставник го совлада Розенборг дома, на „Максимир“, со 2-0, а српскиот шампион ремизира на гостувањето во Берн, против Јанг бојс, 2-2.
Најубедлива победа на шесте натпревари забележа Олимпијакос, над Краснадор, 4-0, и практично е меѓу 32-та тима што ќе ги продолжат мечевите по групи.
Полуфиналистот во ЛШ ланската сезона, Ајакс ремизира на гости против Апоел во Никозија, 0-0, Спарта Прага го совлада романски Клуж со минимални 1-0, како и белгиски Бриж, кој беше подобар од австриски Ласк (1-0), кој првпат се бори за место во групната фаза натпревари во ЛШ.
Реванш-натпреварите ќе се играат на 27 и на 28 август. Победниците (шест) во овие двомечови ќе им се придружат на 26-те екипи што веќе се пласираа во групната фаза.
Ждрепката за составот на групите (осум со по четири тима) ќе се влече во Монако, на 29 август.
Поразените тимови во плејофот, натпреварите во европска конкуренција ќе ги продолжат во Лига Европа (ЛЕ).