Динамо Загреб беше поразен од Вилјареал со 0-1 на домашен терен во првиот меч од четврт-финалето на фудбалската Лига Европа.
Гостите од Шпанија славеа со погодокот на Џерард Морено од пенал во 44-та минута, нанесувајќи му го на Динамо првиот пораз на домашен терен во Европа сезонава. Македонските репрезентативци Стефан Ристовски и Аријан Адеми го одиграа целиот меч за хрватскиот првак.
Динамо ќе има тешка задача во реваншот, бидејќи Вилјареал досега поминувал понатаму во сите пет европски дуели во кои го добил првиот меч на гости.
Во преостанатите четврт-финални средби, Рома славеше со пресврт против Ајакс на гости 2-1, Манчестер јунајтед ја победи Гранада со 2-0 на гости, додека Арсенал и Славија Прага ремизираа 1-1. Реваншите се играат следната недела.