По првите две кола, двата тима се непоразени, Ливерпул забележа две победи, а Атлетико една победа и реми
ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
На стадионот „Метрополитано“ во Мадрид, во рамките на третата рунда од групната фаза во фудбалската Лига на шампионите, група Б, Атлетико го пречекува Ливерпул. По првите две кола, двата тима се непоразени, Ливерпул забележа две победи, над Милан дома и над Порто на гости, а Атлетико ремизира дома со Порто и го совлада Милан на гости.
Во фокусот на вниманието на овој меч се напаѓачите, Уругваецот Луис Суарез од Атлетико, кој своевремено со голем успех настапуваше за Ливерпул, потоа и за Барселона, и Египќанецот Мохамед Салах, крилото на „црвените“, кој игра во фантастична форма сезонава. Бројките кажуваат многу: 135 гола на 214 натпревари за Салах и 82 гола на 133 меча за Суарез во дресот на Ливерпул. Од играчите што одиграле 100 или повеќе натпревари за Ливерпул, само Гордон Хоџсон, кој настапувал пред речиси 100 години, има подобар сооднос на голови по натпревар (1,56 по меч) од Салах и од Суарез. Потоа доаѓаат и асистенциите; 46 за Салах, 29 за Суарез, но на помалку натпревари.
Салах редовно постигнува голови, во саботата по фантастичниот соло-пробив против Вотфорд. Салах никогаш не постигнал помалку од 23 гола во една сезона за Ливерпул и никогаш не одиграл помалку од 48 натпревари, односно пропуштил само седум лигашки натпревари од 2017 година. Но и Суарез во три и пол години на „Мерсисајд“ имаше одлични настапи, постигнуваше одлични голови. Двајцата се многу слични во постојаната потрага по извонредност, големата желба да се победи на секој меч, да се постигнуваат голови и да се биде меѓу најдобрите во светот. Џејми Карагер, еден од легендарните фудбалери на Ливерпул, смета дека Суарез, кој постигна 78 гола во трите комплетни сезони во клубот, станал најдобриот напаѓач на светот, а поранешниот дефанзивец на „црвените“ верува дека Салах го заслужува истиот статус.
– Мислам дека во моментов во светот нема некој подобар од него. Тој е еден од најдобрите фудбалери што некогаш играле за Ливерпул – изјави Карагер за „Скај спорт“.
ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ, ДЕНЕСКА
Група А: Бриж – Манчестер сити, ПСЖ – Лајпциг
Група Б: Атлетико – Ливерпул, Порто – Милан
Група Ц: Бешикташ – Спортинг, Ајакс – Борусија Д.
Група Д: Шахтар – Реал Мадрид, Интер – Шериф