По последното квалификациско коло вечерва ќе бидат познати 20 учесници на ЕП 2020, како и 16-те репрезентации што ќе играат за уште четири места на континенталното првенство низ плејофот на Лигата на нациите

Пред мечевите од последното квалификациско коло се познати 17-те репрезентации што обезбедија пласман на финалниот турнир на Европското првенство (ЕП) во 2020 година. Тоа се Англија, Чешка (група А), Украина, Португалија (група Б), Германија, Холандија (група Ц), Хрватска (група Е), Шпанија, Шведска (група Ф), Полска, Австрија (група Г), Франција, Турција (група Х), Белгија, Русија (група И), Италија и Финска (група Ј).

Во комбинација за пласман на ЕП се и следните шест репрезентации, Данска, Швајцарија и Република Ирска од групата Д (мечевите од оваа група се играа синоќа), односно Унгарија, Велс и Словачка од групата Е (играат денеска). Преостанатите четири репрезентации (вкупно на ЕП ќе настапат 24 селекции), ќе бидат познати по плејоф-мечевите во март 2020-та, во рамките на Лигата на нациите.
На ждрепката за составот на групите за завршниот турнир на ЕП 2020, закажана за 30 ноември во Букурешт, ќе има шест репрезентации носители. Веќе се познати четири – Белгија, Италија, Англија и Украина. Шампионот од 2016-та, Португалија, нема да биде носител, а една од трите земји, Германија, Шпанија и Франција, исто така, нема да биде носител на група.

По последното квалификациско коло дефинитивно ќе бидат познати и 16-те репрезентации што во март 2020-та ќе разигруваат во плејофот, според пласманот во Лигата на нациите (ЛН).
Сигурно е дека во плејофот, во лигата Д, Македонија ќе се сретне со Косово на 26 март, а Грузија со Белорусија. Победниците од овие дуели потоа ќе решаваат за тоа која селекција ќе се најде во завршницата на ЕП (се игра по еден натпревар). Ждрепката за тоа кој ќе биде домаќин на финалниот меч е закажана за в петок.


ДВОЈКИ ЗА ВЕЧЕРВА
Група Ц: Германија – С. Ирска,
Холандија – Естонија
Група Е: Словачка – Азербејџан,
Велс – Унгарија
Група Г: Македонија – Израел, Полска – Словенија, Летонија – Австрија
Група И: Белгија – Кипар, Сан Марино – Русија, Шкотска – Казахстан