Три клуба, Академија Пандев, Македонија ЃП и Шкупи не ја минаа првата квалификациска рунда
Трите македонски клуба, Академија Пандев, Македонија ЃП и Шкупи, неславно, уште на почетокот, во првото квалификациско коло ги завршија настапите во еврокуповите, во Лига Европа (ЛЕ). Македонските претставници на шесте натпревари претрпеа пет порази, со само едно реми, и гол-разлика, 5-17 што најдобро го илустрира нивниот лош ефект.
Ветувачкото реми од првиот меч на гости против ерменскиот Пјуник (3-3), Шкупи не успеа да го преточи во триумф и пласман во следното коло губејќи во Скопје со 1-2. Гостите целата работа ја завршија во првиот по кој водеа со 2-0, а сѐ што стори Шкупи беше утешниот гол во финишот.
Струмичка Академија Пандев, освојувачот на Купот на Македонија, нема по добро да го памети европското деби. На двата меча против Зрињски (БиХ), прими шест гола, по три во Скопје и во реваншот во Мостар, а не постигна ниту еден. Босанските медиуми во суперлативи пишуваат за играта и за победата на Зрињски, а на младите и неискусни пандевци им останува да извлечат поуки од овој дебакл и во подобро издание да се покажат на следниот ваков настап.
Фудбалски нокаут доживеа и Македонија ЃП, која убедливо загуби во реваншот од вториот ерменски претставник Алашкерт, 0-3 (во првиот меч беше 1-3).
Честа на македонскиот клупски фудбал летово останува да ја брани шампионот Шкендија, која во првата квалификациска рунда во Лигата на шампионите (ЛШ) беше елиминирана од Номе Калју од Естонија (1-0, 1-2). Шкендија ги продолжува настапите во ЛЕ и за противник во следното, второ квалификациско коло, го има Дуделанж од Луксембург.
Натпреварите ќе се играат на 23 и на 30 јули.