Русија очекува да им дозволи на гледачите да присуствуваат на четирите натпревари на кои е домаќин, до 50 отсто од капацитетот на стадионот во Санкт Петербург, пишува „Би-би-си“

ФУДБАЛ

Данска е подготвена да дозволи од 11.000 до 12.000 гледачи да присуствуваат на натпреварите на Европското првенство (ЕП) на кое оваа земја, поточно Копенхаген, ќе биде еден од домаќините летово. На стадионот „Паркен“, кој е со капацитет од 38.000 места, треба да се одиграат четири натпревари, пишува „Би-би-си“.
– Европското првенство во фудбал е уникатен и историски настан за Данска. Затоа Владата одлучи да дозволи од 11.000 до 12.000 гледачи да присуствуваат на четирите натпревари на стадионот „Паркен“. Исто така, ќе ги разгледаме опциите дали ќе може да има уште повеќе гледачи, ако дозволат здравствените услови – соопшти Министерството за култура на Данска.
Турнирот, одложен за една година поради пандемијата на коронавирусот, треба да се одржи од 11 јуни до 11 јули. УЕФА сака секоја од 12-те земји што ќе организираат натпревари да ги достави своите планови, вклучувајќи и за гледачи на стадионите, најдоцна до 7 април.

Русија, исто така, очекува да им дозволи на гледачите да присуствуваат на четирите натпревари на кои е домаќин. Директорот на рускиот организациски комитет, Алексеј Сорокин, за „РИА новости“ изјави дека верува оти на натпреварите на стадионот во Санкт Петербург, кој е со капацитет од 68.000 гледачи, ќе има „минимални можни ограничувања“, пишува „Би-би-си“.
– Оптимистички гледаме на ЕП. Веќе имаме договор за исполнетост на трибините до 50 отсто од капацитетот. Ние работиме да ги пречекаме странските навивачи и тоа не е одбиено од властите – изјави Сорокин.
Британската влада соопшти дека е можно да им се дозволи присуство до 10.000 гледачи на стадионите во Англија од средината на мај, и потенцијално на поголема бројка од 21 јуни. Шкотската и ирската влада допрва треба да дадат гаранции дали до јуни на гледачите ќе им биде дозволено да се вратат на стадионите во Глазгов и во Даблин, на кои треба да се одиграат по четири натпревари.
УЕФА има состанок на Извршниот комитет (ИК) на 19 април на кој се очекува да биде донесена конечната одлука за градовите-домаќини на ЕП, пишува „Би-би-си“.