Данците на ЕП 1992 во Шведска влегоа на мала врата по суспендирањето на СФР Југославија, но ги изненадија сите и станаа европски прваци
ФУДБАЛ – ШЕЕСЕТ ГОДИНИ ЕВРОПСКИ ПРВЕНСТВА (9)
На Европското првенство (ЕП) во 1992 година во Шведска се случи нешто што личи на бајките од познатиот Ханс Кристијан Андерсен. Данска, земјата од која потекнува Андерсен, инаку елиминирана во квалификациите, се најде на завршниот турнир по воведувањето санкции за спортистите на СФР Југославија, поради разгорувањето на војната, и ја освои шампионската титула. Триумфот на Данска на тоа ЕП беше едно од најголемите фудбалски и, воопшто, спортски изненадувања на сите времиња.
На тоа деветто ЕП настапија осум репрезентации, кои натпреварите ги играа во четири града, Гетеборг, Стокхолм, Малме и Норчепинг.
Некои од данските фудбалери веќе беа на одмор, но на десетина дена пред почетокот на завршниот турнир беше одлучено тие да настапат на местото на СФРЈ. Растоварени од какви било поголеми очекувања и без притисок од јавноста, Данците во групната фаза ги исфрлија Англија и Франција, потоа во полуфиналето го совладаа бранителот на титулата, Холандија (2-2, па 5-4 на пенали), а во финалето, кое се одигра во Гетеборг, беа подобри од Германија, со 2-0. Во второто полуфинале Германија го елиминира домаќинот, Шведска, со 3-2.
Петер Шмајхел, голманот на Данска и на Манчестер јунајтед, со многу емоции се сеќава на таа авантура.
Европското фудбалско првенство идната година е јубилејно, откако годинава, кога требаше да се игра шампионатот, се навршуваат 60 години од првото, одржано во 1960 година. „Нова Македонија“ периодично објавува приказни за минатите првенства на Стариот Континент, за неговата еволуција, за поединците и за репрезентациите што го обележија ова натпреварување
– Добар дел од тој состав потекнуваше од Брондби и од селекцијата на Данска до 21 година. Мислам дека немавме поголеми постигнувања пред 1992 година, имавме некаков чуден менталитет, но тоа не беше во стилот „сакаме да триумфираме на турнирот, тоа е нашата цел“, затоа што луѓето чудно би нѐ гледале. Кога бевме во Копенхаген, во градското собрание на прославата на титулата, беше навистина неверојатно. Во тие моменти си размислував „Господе, ние всушност успеавме, ова не е сон“ – вели Шмајхел, кој беше избран и во најдобриот тим на шампионатот, заедно со Брајан Лаудруп.
Покрај Шмајхел, Лаудруп, Хенрик Ларсен, кој постигна три гола на шампионатот, колку и Томас Бролин од Шведска, Денис Бергкамп од Холандија и Карлхајц Ридле од Германија, еден од јунаците беше и Ким Вилфорт, играчот од средниот ред, стрелецот на вториот гол во финалето против Германија.
– Ние ги немавме најдобрите играчи, но го имавме најдобриот тим во тоа време. Десетмина играчи во репрезентацијата играа или играле претходно за Брондби, кој една година порано стигна до полуфиналето на Купот на УЕФА. Некои беа дел од селекцијата до 21 година и на олимпискиот тим што настапи на ЛОИ 1988 во Јужна Кореја. Имавме фантастичен тимски, победнички дух, што е многу добра работа во такви ситуации. Кога бевме под притисок против Германија, токму таквиот дух ни помогна – вели Вилфорт.
На ЕП 1992 првпат на дресовите покрај бројките (од 1 до 20) беа испишани и имињата на фудбалерите. Маскота, четврта по ред (првата беше Пинокио, на ЕП 1980 во Италија), повторно, како и на ЕП 1998 во Германија, беше зајак (безимен). Тој беше облечен во дрес и во гаќички во националните бои (жолта и сина) на Шведска.